Во врска со големите пожари што ја зафатија соседна Грција, според последните информации од дипломатско-конзуларните претставништва на Северна Македонија во Грција, досега ниту еден наш државјанин, кој се наоѓа во опасните зони, не се појавил, ниту пак е побарана помош за евакуација.
Амбасадата на Република Северна Македонија во Атина и Генералниот конзулат во Солун се во постојана комуникација со надлежните институции на Грција. Илјадници туристи на островот Родос се на безбедно место, но засега не може да се потврди националноста на евакуираните.
Од МНР апелираат да се избегнуваат туристички или други патувања во загрозените подрачја.
Министерството за надворешни работи на Грција денеска во 17:00 часот на меѓународниот аеродром Родос ќе постави „Хелп Деск“ за да се олесни соработката со странските амбасади и навременото заминување на туристите кои ги изгубиле личните документи.
За повеќе информации достапни се телефонските линии на Амбасадата во Атина +306944743071 и Генералниот конзулат во Солун +30 6987200410.