Пожарот во североисточниот дел на Грција постепено се намалува, ангажирани се повеќе од 700 пожарникари

Големиот шумски пожар во североисточна Грција, кој е активен веќе 17 дена, постепено се става под контрола, пренесува Анадолу.

Стотици пожарникари сѐ уште се борат со пожарите во некои делови, соопшти противпожарната служба.

Во текот на викендот беше пратено засилување за пожарот што гори во регионот на Еврос. На терен се 741 пожарникар, поддржани од 124 возила и два канадера.

Во пожарот загинаа 20 лица. Се верува дека станува збор за мигранти што неодамна ја преминале границата.

Во пожарот, кој избувна на 19 август во близина на градот Александрополис на североистокот на земјата и се спои со други пожари во масивен шумски пожар, до недела изгореа повеќе од 93.000 хектари земја, покажуваат податоците на Управата за вонредни ситуации на Европската Унија, „Коперникус сервис“, што го прави најголем поединечен пожар што погодил една земја на ЕУ од почетокот на евиденцијата во 2000 година.

Шумските пожари се вообичаени во Грција и во другите јужноевропски земји за време на топли и суви лета. Десетици пожари избувнуваат низ целата земја секој ден со недели, а противпожарната служба соопшти дека нејзините сили се справиле со 82 пожара од сабота попладне до недела попладне, од кои 49 избиле во тие 24 часа.

Покрај своите противпожарни сили, Грција побара помош од другите европски земји и прими стотици пожарникари, како и флота авиони и хеликоптери од целиот континент.