ПОЖАР ВО ФАБРИКАТА ЗА БАТЕРИИ: Црн чад се шири насекаде, на лице место се пронајдени 20-тина ИЗГОРЕНИ тела 

Телата на околу 20 работници се пронајдени во фабрика за литиумски батерии во Јужна Кореја по големиот пожар, објавија локалните медиуми, а пожарникарите соопштија дека се уште ја пребаруваат зградата.

Застрашувачките слики покажуваат огромна колона чад и пламен што се издигнува високо кон небото.

Повеќе од 100 луѓе работеа во фабриката кога работниците слушнаа серија експлозии од вториот кат, каде што се прегледуваат и пакуваат литиум-јонските батерии, изјави за медиумите пожарникар Ким Џин-Јанг.

Потврдено е дека околу 78 луѓе се безбедни, но многу повеќе се водат како исчезнати, а Јонхап рече дека „околу 20 тела биле пронајдени“ на местото на настанот откако спасувачите конечно успеале да влезат внатре.

Ким за медиумите изјави дека успеале да го изгаснат најголемиот пожар во фабриката и извлекувале тела од јагленосаната зграда. „Спасувачки тим влезе внатре и врши операции за пребарување и спасување“, рече тој.

Пожарот беснееше со часови, почнувајќи околу 10.30 часот, а противпожарните екипи го ставија под контрола дури после 15 часот – до кога конечно можеа да влезат во зградата за да почнат да ги отстрануваат телата.

На лице место имало десетици противпожарни возила. Претставник на противпожарната служба претходно изјави: „Пожарот моментално е толку интензивен што спасувачите со противпожарни апарати не можат да влезат за да го изгаснат пожарот и да извршат операции за пребарување и спасување“.

„По гаснењето на пожарот, планираме да испратиме спасувачки тимови да трагаат по луѓе“, додава тој.

Огромната фабрика од 2.300 квадратни метри имала околу 35.000 батериски ќелии на вториот кат во складиште во моментот на пожарот, додека повеќе батерии биле складирани во други области.