Полска одби да ја поддржи заедничката декларација на ЕУ во Гранада со текст за мигрантите

 Полскиот премиер Матеуш Моравјецки денеска соопшти дека Варшава одбила да го поддржи текстот за мигрантите во заедничката декларација на земјите-членки на Европската унија на крајот од Европскиот самит во шпанскиот град Гранада.

Како резултат на тоа, во заедничката декларација ќе биде вклучен само предметот за проширување на ЕУ.

Самитот во јужниот шпански град Гранада се одржа во два формати – оној на Европската политичка заедница и оној на ЕУ.

„Како одговорен политичар, одбивам да го поддржам целиот став од заклучоците од состанокот во врска со миграцијата“, напиша Моравјецки на социјалната платформа Икс.

Официјален претставник на ЕУ изјави дека претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, ќе издаде посебна изјава за миграцијата.

Полскиот претседател Анджеј Дуда вчера на заедничката прес-конференција со Моравјецки изјави дека Полска е против секој договор што вклучува прераспределба на мигрантите.