Полскиот претседател: „Ако Украина не добие помош во следните неколку недели, Путин ќе ја добие војната“

Анджеј Дуда, полскиот претседател даде интервју за францускиот весник „Фигаро“. Меѓу другото, Дуда призна дека Полска очекувала Русија да ја нападне Украина минатата година.

Дуда отпатува во Киев со литванскиот претседател Гитанас Науседа само еден ден пред инвазијата, со цел да го предупреди претседателот Зеленски дека нападот ќе се случи. Зеленски беше сигурен дека нападот нема да се случи. Во меѓувреме, Дуда вели дека со Зеленски развил посебен однос, полн со почит и восхит.

На прашањето дали може да замисли руски напад врз Полска, Дуда одговори: „Не заборавајте дека руски напад врз Полска би бил руски напад врз НАТО. Кога САД беа нападнати во 2001 година, сите сојузници застанаа на страната на Американците во борбата против терористите. Сметаме дека во случај на напад врз земја на НАТО, каков и да е, одговорот би бил ист: брз и решителен“.

На крајот од интервјуто се наметна прашањето дали Русите можат да ја добијат војната, на што Дуда рече дека е можно такво сценарио. „Да, може, ако Украина итно не добие помош. Немаат модерна воена инфраструктура, но имаат луѓе! Ако не испратиме воена опрема во Украина во следните неколку недели, Путин би можел да победи. Можеби ќе победи, но не знаеме каде ќе застане“, заврши Дуда.