Полјаците се подготвуваат за најлошото: Сите возрасни мажи ќе мора да знаат да користат оружје, ќе се градат и засолништа

Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека се работи за сите мажи во Полска да поминат воена обука.

Во говорот пред полскиот парламент, Туск рече дека владата планира да ги претстави сите детали во наредните месеци.

Во Сејмот, тој истакна дека се прават напори да се „подготви обука од големи размери за секој возрасен маж во Полска“.

„Ќе се обидеме да имаме подготвен модел до крајот на оваа година, така што секој возрасен маж во Полска ќе биде обучен во случај на војна, за оваа резервна сила да биде споредлива и адекватна на потенцијалните закани“, нагласи полскиот лидер.

Туск рече дека украинската армија има 800.000 војници, додека Русија има околу 1,3 милиони и дека сака да ја зголеми големината на полската армија, вклучувајќи ги и резервистите, на 500.000 од сегашните околу 200.000.

„Се зборува за потребата Полска да има армија од половина милион војници, вклучително и резервисти. Се чини дека ако мудро ги организираме работите – а јас постојано разговарам со министерот за одбрана – ќе мора да користиме неколку пристапи.”

Туск изјави дека и жените можат да поминат воена обука, но дека „војната останува, во голема мера, домен на мажите“.

Полска веќе планира да потроши 4,7 отсто од своето економско производство за одбрана оваа година, што е највисок процент во НАТО.

Туск му рече на парламентот дека оваа сума треба да се зголеми на 5 отсто од БДП.

Претходно, претседателот Дуда предложи измена на уставот за да се наведат трошоците за одбрана од најмалку 4 отсто од БДП.

Туск, исто така, рече дека го поддржува повлекувањето на Полска од Конвенцијата од Отава, која забранува употреба на противпешадиски мини, а можеби и од Даблинската конвенција, која забранува употреба на касетна муниција.

Полска ги зголеми трошоците за одбрана од почетокот на руската целосна инвазија на Украина во 2022 година.

Таа има потпишано договори за набавка на оружје во вредност од околу 20 милијарди долари со Соединетите држави, вклучувајќи купување на 250 тенкови М1А2 Абрамс, 32 борбени авиони Ф-35, 96 хеликоптери Апачи, ракетни системи Џавелин и артилериски ракетни системи.

Варшава, исто така, потпиша договори со Јужна Кореја за купување тенкови К2 и лесни борбени авиони ФА-50.

Загриженоста за безбедноста во иднина расте во Полска по одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ја прекине воената помош за Украина. Повеќето Полјаци веруваат дека поддршката на Украина им служи на нивните безбедносни интереси.

Мирослав Казновски, заменик-градоначалник на Милановек, мал град во близина на Варшава, оваа недела изјави за Би-Би-Си дека неговиот пријател одлучил да инвестира во нова компанија која гради евтини подземни засолништа за бизниси и домови. Тој додаде дека има многу голем интерес за оваа идеја.