– Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска во Прага апелираше да продолжи секојдневната материјална помош за Украина, на која, како што рече, членките на ЕУ досега и помогнале со вкупно 68 милијарди евра.
По разговорот со чешкиот претседател Петр Павел, Фон дер Лајен изјави дека Европската комисија утре ќе предложи закон за производство на муниција.
– Претседателот Павел се врати од Украина и ми рече дека она што е најпотребно сега е муниција, изјави претседателката на Европската комисија.
Фон дер Лајен додаде дека предлогот за нова регулатива содржи и финансиска клаузула во износ од една милијарда евра.
– Испораката на муниција е од клучно значење за одбраната на Украина и евентуална контраофанзива и враќање на териториите. Разговаравме и за членството на Украина во ЕУ. Знаеме дека нема да биде лесно, но подготвени сме да и помогнеме да ги надмине тешкотиите. Затоа што во наш интерес е да ја прошириме зоната на стабилност и безбедност што ја претставува ЕУ, рече чешкиот претседател.
За време на кусата посета на претседателката на Европската комисија на Прага, според чешкиот претседател, се разговарало и за односите со Кина.
– Јасно е дека станува збор за ривалство. Кина и демократските земји не делат исти вредности. Кина има други стратешки цели и треба да гледаме на нашите односи и од тој агол, рече Павел.
Фон дер Лајен се сретна и со чешкиот премиер Петер Фијал, каде покрај помошта за Украина, главна тема беше енергетската безбедност.