„Понекогаш не си само политичар, понекогаш си и човек“ – Брнабиќ го коментираше студениот и протоколарен поздрав со Рама

Српската Премиерка Ана Брнабиќ денеска во Тирана, каде се одржува Самитот на Берлинскиот процес, изјави дека не знае зошто албанскиот премиер Еди Рама побарал воведување санкции за Србија, оценувајќи дека тоа не е во во согласност со добрососедските односи, ниту со она што функционира во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“.

Новинарите во Тирана забележаа дека Брнабиќ има ладно и протоколарно поздравување со Рама а Брнабиќ одговори дека така се чувствува и дека не може посрдечно да се ракува со човекот кој, како што рече, повика да се воведат санкции кон Србија.

– Се надевам дека денеска во текот на денот ќе зборуваме повеќе за тоа, а малку разговаравме и за разјаснување. Сакаме најдобри можни односи со Албанија, како и со сите во регионот. Понекогаш не си само политичар, понекогаш си и човек. И јас така се чувствувам. Не сум среќна, не знам зошто го направи тоа, нема никаква смисла, не е во согласност со добрососедските односи или со она што го правиме како дел од иницијативата „Отворен Балкан“ – изјави Брнабиќ.

Таа посочи дека Србија не направила ништо за некој да се јави и да побара воведување санкции.

– Не го разбирам неговиот гест, така се чувствувам, не можам да се воздржам. Тоа не треба да се зема лично. Тука сум, разговаравме, ќе разговараме понатаму. Секогаш сум отворена за најдобри можни односи со албанските институции и да продолжам со реализација на проектите што почнавме да ги реализираме – рече Брнабиќ.