Поплави во Либија: Се стравува дека бројот на загинати ќе биде и до 20.000 – „Водата носеше луѓе, беше како да е дојден судниот ден“
Водата збриша цел град на истокот од земјата. ОН проценуваат дека до 1,8 милиони луѓе се погодени од катастрофата, за која велат дека е од епски размери.
Бројот на загинати во катастрофалните поплави во либискиот град Дерна се искачи на повеќе од 11.000, изјави за Ројтерс министерот на источната либиска администрација.
Последните проценки на локалните власти во Дерна се дека животот го загубиле меѓу 18.000 и 20.000 луѓе.
Прочитајте повеќе за градот Дерна и како пукнале две брани во близина на градот во посебен текст .
„Бев шокиран од она што го видов, како да е цунами. Телата лежат насекаде“, рече министерот Хичем Чкиуат, по посетата на Дерна, источното пристаниште најтешко погодено од поплавите.
„Морето постојано исфрла тела“, вели тој.
Поголемиот дел од овој град е под вода откако се урнаа две брани и четири моста околу Дерна, дом на околу 100.000 луѓе.
Застрашувачки приказни за луѓе кои биле однесени од морето, додека некои се држеле за покривите за да преживеат, кружат низ земјата.
До 10.000 луѓе се водат како исчезнати по поплавите предизвикани од бурата Даниел, соопштија претставници на Црвената полумесечина.
Жртвите завиткани во вреќи и ќебиња се закопани во масовни гробници во Дерна.
„Не претерувам кога велам дека 25 отсто од градот го нема. Многу, многу згради се урнаа“, рече Чкиват, министер за авијација и член на Комитетот за итни случаи на источната влада на Либија.
Околу 30.000 луѓе останаа без домови, објави Меѓународната организација за миграција, а хуманитарната агенција на ОН предупредува на опасност од болести од загадената вода.