Популарниот грчки остров речиси пуст по евакуацијата и земјотресите: „Им веруваме на научниците, ја чекаме војската“

На грчкиот остров Санторини е прогласена вонредна состојба по неколкудневните последователни земјотреси.

Земјотрес со јачина од 5,2 степени според Рихтеровата скала е регистриран вчера, што го прави најсилниот во последните неколку дена.

Регулативата ќе биде во сила до 3 март за „да се одговори на итните потреби и да се решат последиците“. Повеќе од 11.000 луѓе веќе го напуштиле Санторини, од кои околу 7.000 заминале со траект, а 4.000 со авион.

Земјотрес со јачина од 4,7 степени беше регистриран и југозападно од Аморгос во четвртокот во 07:50 часот по локално време, по 57 потреси помеѓу полноќ и 6:30 часот.

Засега нема информации за поголеми штети на островот, но властите преземаат мерки на претпазливост и се подготвуваат за можноста од голем земјотрес.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис се очекува во петок да го посети Санторини.

Училиштата на Санторини и другите соседни острови, вклучувајќи ги Анафи, Парос, Наксос и Миконос, ќе останат затворени до петок, кога властите ќе донесат одлука за тоа кога ќе можат повторно да се отворат.

Се препорачува и празнење на водата од базените, забранети се сите градежни работи, како и пристапот до пристаништето Атинио.

Сите вработени во болницата се на готовност во случај на оние кои останале на островот да им треба помош. Се очекува и помош од вооружените сили.

Според плановите на грчкото Министерство за здравство, во случај на итна потреба од персонал, прво ќе дојдат лекари и медицински сестри од други острови, а ќе бидат испратени и лекари од Атина.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис рече дека во овој случај „на науката и научниците им се верува пред се друго“.

„Сите планови се спроведени. Силите се преместени на Санторини и на другите острови, така што ние сме подготвени за секаква евентуалност“, нагласи Мицотакис.