Популарниот пијалок може да го намали холестеролот и крвниот притисок

Еден популарен пијалок кој многумина го пијат за појадок, според истражувањата, може да помогне при два сериозни здравствени проблеми – висок холестерол и висок крвен притисок. И двете состојби значително го зголемуваат ризикот од мозочен и срцев удар, но може да се ублажат со промени во исхраната – намалување на внесот на заситени масти и сол.

Според истражувањето објавено во 2023 година, пиењето две чаши сок од портокал дневно може значително да го намали вкупниот холестерол. Во истражувањето учествувале 129 луѓе на возраст од 18 до 66 години, а оние кои го консумирале пијалокот дневно најмалку една година имале значително пониско ниво на холестерол, без разлика дали имале покачено ниво или не. Од друга страна, оние кои не пиеле сок редовно не ги покажале истите резултати.

Сокот збогатен со хесперидин може да биде корисен додаток за регулирање на крвниот притисок кај луѓе со лесна хипертензија

Друга анализа, која вклучува девет студии, покажа дека овој пијалок може да има корисен ефект врз нивото на ЛДЛ, т.н. „лошиот“ холестерол, додека ефектите врз вкупниот холестерол и HDL („добриот“ холестерол) не беа значајни. Кога станува збор за крвниот притисок, студија објавена во 2021 година покажа дека пиењето на овој пијалок во текот на 12 недели го намалува систолниот и пулсниот притисок.

Научниците напишаа: „Сокот збогатен со хесперидин може да биде корисен додаток во регулирањето на крвниот притисок кај луѓето со лесна хипертензија“, пишува Дејли експрес.

Друга студија од 2013 година покажа дека консумирањето на овој пијалок во текот на 60 дена, исто така, значително го намалува крвниот притисок. Истражувачите велат дека за луѓето со дијабетес или оние кои сакаат да изгубат тежина, исто така е важно да се земат предвид нивоата на шеќер во сокот.

Ако сте загрижени за нивото на холестерол или крвен притисок, препорачливо е да разговарате со вашиот лекар.