Поради дојави за поставени бомби евакуирани повеќе јавни установи во Белград и Нови Сад

 – Поради дојава за поставени бомби, полицијата денес во Нови Сад, Србија, евакуираше и забрани влез на Железничката станица, Спенс, Меркатор, на Факултетот за технички науки, Институтот во Сремска Каменица и Филозофскиот факултет.

На е-адресите на одредени медиуми утринава пристигнаа е-пораки со потпис на „Мизантропска диверзантска група“ во кои е наведено дека бомбите биле темпирани да се активираат денес, во текот на претпладнево и рано попладне.

Поради проверка на тие наводи и увид во просториите, полицијата испразни неколку јавни објекти.

Исто така, како што јавуваат медиумите, дојава за подметнати бомби утринава пристигнале и во Клиничко-болничкиот центар „Ѕвездара“ и Военомедицинската академија, како и во Зоолошката градина во Белград.

Потсетуваме, вчера, исто така, пристигнаа дојави за подметнати бомби во неколку основни и средни училишта во Нови Сад, па наставата во нив беше прекината, но се покажа дека дојавите се лажни.