Поради предизвикот „супермен“ на ТикТок, 11 деца завршија во скопската болница

Вкупно 11 деца со повреди завршија во болница по новиот предизвик на Тик Ток, кој се прошири на големо.

Двајца од нив, како што информираат од Клиниката за хируршки болести во Скопје, се со посериозни повреди во вид на скршеници.

Тоа е предизвик во кој група деца со раце фрлаат дете во воздух и го оставаат да падне на земја. Тие го нарекуваат предизвик на супермен и како што велат лекарите, може да предизвика сериозни повреди.

Освен двете деца кои имаат скршеници, од Клиниката објаснуваат дека останатите девет имаат полесни повреди во вид на набиеници по телото. Тие апелираат до родителите да посветат посебно внимание, бидејќи овој нов предизвик претставува сериозен ризик.