Поради присуството на Сергеј Лавров балтичките земји и Украина ќе го бојкотираат состанокот на ОБСЕ во Скопје

Естонија, Летонија и Литванија соопштија дека ќе го бојкотираат Министерскиот совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Скопје, доколку присуствува и министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров.

Присуството на Сергеј Лавров носи ризик да се даде легитимитет на агресорот Русија како законски член на нашата заедница на слободни нации, да ги банализира ѕверските злосторства што Русија ги направи, како и очигледнору руско кршење и презир на основните принципи и обврски на ОБСЕ“, се наведува во заедничката изјава на министрите за надворешни работи на трите балтички земји.

Првиот човек на естонската дипломатија, Маргус Цахкна, вели дека – „Русија ќе ја искористи оваа можност да ја шири својата пропаганда и да го поткопа единството на Запад“.

Објавата на Маргус Цахкна на социјалната мрежа Х (Твитер)

Факт е дека додека се одржува состанокот на ОБСЕ во Скопје, руската воена машина ги напаѓа недплжните Украинци и депортира деца без око да им трепне. Естонија не може да седне на иста маса со агресорот и да сноси одговорност за последиците што може да ги донесе присуството на Сергеј Лавров. Тоа е спротивно на нашите основни принципи. Руската агресија против нејзиниот независен и мирен сосед Украина го прекршува меѓународното право и тоа е напад врз ОБСЕ и нејзините фундаментални вредности. Местото на Лавров е на специјален трибунал, а не на масата на ОБСЕ“, наведува Маргус Цахкна, чија земја според ротирачкиот принцип требаше да го преземе претседавањето со ОБСЕ во 2024 година, но поради противењето на Русија и на Белорусија, наместо Естонија на членото место во организацијата ќе дојде Малта како компромисно решени. 

Клучно е, според него, веднаш да се стави крај на агресијата врз Украина, да се повлечат руските трупи од окупираните области, да се плати компензација за уништувањето и да се повикаат на одговорност криминалците.

Но, нема знаци дека Русија размислува да го следи меѓународното право или принципите на ОБСЕ. ОБСЕ е создаден за да ја обнови европската безбедност, да спречи конфликти и да го одржи мирот. Со своите незаконски и брутални дејствија, Русија постојано докажа дека не е безбедносен партнер за Европа. Во реалноста, на Европа во моментов и е потребна одбрана од и против Русија“, истакнува Маргус Цахкна во изјавата поддржана од неговите колеги од Летонија, Кришјанис Каринш и од Литванија, Габриелиус Ландсбергис.

Претходно, и првиот човек на украинската дипломатија Дмитро Кулеба објави дека нема да дојде на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје поради присуството на Сергеј Лавров.