Поранешен грчки министер избришан од пратеничката група на Нова демократија поради насилно однесување кон вработен на аеродром
Пратеникот од Нова демократија и поранешен министер Лефтерис Авгенакис е избришан од пратеничката група на грчката владејачка партија, а обвинителството покрена прелиминарна истрага, откако во петокот физички нападнал вработен на аеродром, бидејќи не му било дозволено да се качи во авионот по затворањето на портите и завршувањето на процесот на влез на патници.
Рано утрово на социјалните мрежи беше објавено видео од инцидентот на атинскиот аеродром, на кое се гледа дека Авгенакис се расправа со вработениот во авиокомпанијата и го удира, следеше соопштение од Федерацијата на синдикати на вработените во кое објаснија дека пратеникот доцнел на летот, ги смешал портите, бил трипати повикан преку мегафоните, а кога пристигнал веќе бил завршен процесот по што започнал да се расправа со вработениот и физички го нападнал.
Самиот Авгенакис преку социјалните мрежи утрово се извини за, како што рече тензијата во обидот да се качи на авион и објасни дека „случајот остана на ниво на несогласување и само вербална тензија“.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од Комисијата за етика на Нова демократија побарал пратеникот да бие избришан од партијата, по што следеше и официјалната одлука на владејачката партија.
Коментирајќи ја одлуката за негово исфрлање, Авгенакис рече дека ја почитува, дека јавно објаснил и се извинил, но и дека го задржува пратеничкото место и „ќе продолжи со сите сили да ги поддржувам партијата и Владата“.
Според грчките медиуми, по поднесените пријави од претставниците на вработените на аеродромот и од пратеник на ПАСОК, Обвинителството започнало прелиминарна истрага за да се истражат делата насилство врз вработен, нарушување на работењето, незаконско насилство.
Инцидентот го осудија сите грчки партии.
Авгенакис, пред реконструкцијата на Владата пред 20 дена беше министер за земјоделство.