Поранешен играч на Партизан тврди: „Вучиќ се обидува да нè замолчи, ова е последната пресметка на властите против клубот“

Мирослав Бериќ, легендарниот капитен на Партизан, ја обвини сегашната влада во Србија под водство на Александар Вучиќ дека стои зад синхронизираниот обид за уривање на клубот и замолчување на неговите навивачи, кои станаа „сериозна коска во грлото“ на владата.

Ве потсетуваме дека последниот инцидент се случи пред неколку дена за време на натпреварот од Евролигата помеѓу Партизан и Париз во Белградската арена. Наместо спортски спектакл, натпреварот остана во сенка на болна атмосфера и жестока физичка пресметка на трибините меѓу самите навивачи на Партизан.

Конфликтот избувна откако беше одземен транспарентот за поддршка на студентите, а салата беше исполнета со извици против актуелната влада и Александар Вучиќ, исто како безброј пати претходно. Настаните ескалираа до таа мера што дел од навивачите ја напуштија салата, а енергијата на конфликтот се префрли кај играчите, кои на крајот беа убедливо поразени.

Мирослав Миќа Бериќ, иконата на клубот, остро реагираше на овие настани, кој безрезервно ја обвини државата за оркестрирање на хаосот.

Според него, ова не е случаен конфликт, туку „синхронизиран колапс на трибината на Партизан“ и „конечната пресметка“ што властите ја водат против клубот. „Ние сме сериозна коска во грлото кога сме домаќини, бидејќи само тука можете да чуете извици против сегашниот режим. Само тука можете да ги чуете вистинските работи“, изјави Бериќ за порталот Nova.rs, додавајќи дека меѓу навивачите има „платеници под контрола кои добиваат инструкции што и како да прават“ со цел да создадат лоша атмосфера и да го нарушат единството на навивачите.

Ве потсетуваме дека на истиот натпревар „Грабари“ му оддадоа почит и кренаа транспарент на осудениот воен злосторник Небојша Павковиќ. Тој заврши во затвор поради злосторството во Косово.

Во 2009 година, Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија го осуди на 22 години затвор за злосторства против човештвото.