Поранешен француски пилот е под истрага поради шпионажа во корист на Кина

Според францускиот сатиричен истражувачки неделник Le Canard Enchaîne, овој пилот патувал во Кина во 2018 и 2019 година без знаење на неговите претпоставени, што предизвикало вознемиреност кај француските одбранбени власти.

Неименуваниот пилот наводно летал со авиони Супер Етендар и Рафал распоредени на носачот на авиони Шарл де Гол, пренесува порталот Аеротајм.

Патувањата, кои биле организирани и финансирани од јужноафриканска воздухопловна компанија, не биле пријавени кај претпоставените офицери на пилотот, што е обврска според локалните воени прописи.

Француското Министерство за вооружени сили, наводно, го препратило случајот до судските власти, кои изразиле загриженост за видот на обуката што поранешниот пилот ја обезбедувал во Кина и можноста за шпионажа за странска сила.

Канцеларијата на париското обвинителство потврди за АФП дека на 19 февруари 2025 година добило извештај за поранешен пилот осомничен за активности поврзани со разузнавачка работа за странска земја. Обвиненијата вклучуваат оддавање тајни од национална одбранбена важност, прекршување на воените директиви, акумулирање на неовластени активности, перење пари поврзани со даночна измама. Случајот ја нагласува зголемената загриженост меѓу западните земји за интензивираната кампања на Кина за регрутирање на пензионирани воени пилоти со драгоцено искуство во операциите на носачите и модерната воздушна борба

На парламентарното сослушување во 2021 година, началникот на Генералштабот на француската морнарица, адмирал Кристоф Празук, изјави дека Кина лансира 118 бродови во морето на секои четири години, што е еквивалентно на вкупниот број на бродови во француската морнарица во тоа време.

Пред нешто повеќе од една деценија, Кина немаше ниту еден оперативен носач на авиони – денес има три, а четвртиот е во изградба и може да стане најголемиот во светот.

Ова не е прв пат западните воени пилоти да се најдат под истрага за можна соработка со Пекинг. Пред три години, Австралија се согласи да екстрадира поранешен пилот на американскиот марински корпус, осомничен за обука на кинески воени пилоти. Во истиот период, воздухопловните сили на САД, Германија и ОК пријавија насочено регрутирање на нивните поранешни пилоти од Кина, со дарежливи договори.

Истрагата од 2022 година на британскиот Sky News откри дека Кина ја користела Тест летачката академија на Јужна Африка како фронт за регрутирање британски пилоти, нудејќи им годишни плати до 306.000 долари. Фактот дека патувањата на францускиот пилот биле организирани и преку јужноафриканска компанија дополнително ги зајакнува сомнежите дека се работи за слична стратегија.