Поранешен француски поморски пилот под истрага за шпионажа за Кина

Поранешен француски поморски пилот е под официјална истрага поради сомневање дека соработувал со кинеските воени разузнавачки агенции додека бил на активна должност.

Според францускиот сатиричен истражувачки неделник Le Canard Enchaîne, овој пилот, без знаење на неговите претпоставени, патувал во Кина во 2018 и 2019 година , што предизвикало вознемиреност кај француските одбранбени власти.

Неименуваниот пилот наводно летал со авионите Супер Етендар и Рафал кои биле распоредени 
на носачот на авиони Шарл де Гол, пишува порталот Аеротајм .

Патувањата, кои биле организирани и финансирани од јужноафриканска воздухопловна компанија, не биле пријавени кај претпоставените офицери на пилотот, што инаку е обврска според воените прописи на земјата.

Француското Министерство за вооружени сили, наводно, го препрати случајот до судските власти , кои изразија загриженост за видот на обуката што поранешниот пилот ја обезбедил во Кина и можноста за незаконска соработка со странска сила .

Обвинителството во Париз потврди за АФП дека на 19 февруари 2025 година примило жалба во врска со поранешен пилот кој е осомничен за активности поврзани со разузнавачка работа за странска земја . Обвиненијата вклучуваат откривање тајни од важност за националната одбрана, кршење на воените директиви, акумулација на неовластени активности, перење пари поврзани со даночна измама.

Случајот ја нагласува зголемената загриженост меѓу западните земји поради засилената кампања на Кина за регрутирање пензионирани воени пилоти со драгоцено искуство во операциите на носачите на авиони и модерната воздушна борба .

На парламентарното сослушување во 2021 година, началникот на Генералштабот на француската морнарица, адмирал Кристоф Празук, изјави дека 
Кина лансира 118 бродови во морето на секои четири години, што е еквивалентно на вкупниот број на бродови во француската морнарица во тоа време.

Пред нешто повеќе од една деценија, Кина немаше ниту еден оперативен носач на авиони – денес има три , а четвртиот е во изградба и може да стане најголемиот во светот .

Ова не е прв пат западните воени пилоти да се најдат под истрага за можна соработка со Пекинг. Пред три години, Австралија се согласи да екстрадира поранешен пилот на американскиот марински корпус, осомничен за обука на кинески воени пилоти. Во истиот период, воздухопловните сили на САД, Германија и ОК пријавија насочено регрутирање на нивните поранешни пилоти од Кина, со дарежливи договори .

Истрагата од 2022 година на британскиот Sky News откри дека Кина ја користела Тест летачката академија на Јужна Африка како фронт за регрутирање британски пилоти, нудејќи им годишни плати до 306.000 долари . Фактот дека патувањата на францускиот пилот биле организирани и преку јужноафриканска компанија дополнително ги зајакнува сомнежите дека се работи за слична стратегија