Последниот титов министер за надворешни работи беше пронајден мртов, влегол сам да плива во морето, имаше 101 година
Угледниот хрватски и југословенски дипломат Будимир Лончар почина на 101-годишна возраст на родниот остров Угљан.
Како што пишуваат хрватските медиуми, Лончар починал пливајќи во море во родниот Преко, а информација за неговата смрт сподели историчарот Твртко Јаковина.
Будимир Лончар, дипломат, партизан, светски државник, мој пријател, почина денеска во Преко, местото каде што е роден на 1 април 1924 година“, напиша Јаковина.
Во текот на својата богата кариера, Лончар беше на повеќе функции, а запаметен е и како последен министер за надворешни работи на Југославија.
Освен тоа, во својата кариера ги извршуваше и функциите на специјален пратеник на Генералниот секретар на ОН за Движењето на неврзаните, а беше и советник на двајца хрватски претседатели, Стјепан Месиќ и Иво Јосиповиќ.
Исто така, Лончар бил член на национално-ослободителното движење во Втората светска војна.
На крајот на војната се преселил во Загреб, а потоа во Белград, каде што започнал да работи како дипломат. Како дипломат на поранешна Југославија, работел во Индонезија, Западна Германија и Соединетите Американски Држави.
Лончар до последниот ден беше исклучително активен и ги следеше меѓународните односи. Покрај следењето на меѓународните односи, Лончар често ја коментираше ситуацијата на Балканот, а за порталот Новости понуди сеопфатна анализа во 2023 година .
„Клучно е да се даде објективна дефиниција на Југославија. Тоа беше еманципаторска конструкција и поддршка за земјите кои излегоа од Австро-Унгарија. Точно е дека првата Југославија се претвори во хегемонија на Србија, со тоа што местото на Србија беше позначајно и даде најмногу за создавање на заедничка држава“, рече тој.
Тој рече и дека Југославија е социјална држава.
„Демократијата беше потешка, иако демократијата не е сè во тоа да ти се дозволи да кажеш што сакаш. Има нешто и во еднаквоста на условите за живеење. Југославија беше потрошена, но можеше да се редефинира и трансформира, можеби како конфедерација. Секако денес би претставувала многу значаен позитивен фактор во рамките на ЕУ. Меѓутоа, Милошевиќ и неговите соработници од другите страни сакаа да ја закопаат таа земја. Ниту една од новите земји нема сила да каже колку придонела за избувнувањето на војната, така што нема ни искрено настојување да се надминат последиците од крвавото распаѓање“, рече тогаш Лончар.