„Последниот“ удар на Трамп

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го предупреди Универзитетот Харвард дека високообразовната институција би можела да ја изгуби акредитацијата, наведувајќи дека можеби повеќе нема да ги исполнува потребните стандарди.

Исто така, се вели дека на Харвард би можело да му се побара судска покана да достави евиденција за странски студенти.

Овој потег е дел од поширокиот напор на администрацијата на Трамп , како што објаснува „Фајненшл тајмс“, да постигне спогодба во која Харвард би се согласил да го реорганизира своето управување и работа, што универзитетот го смета за напад врз академската слобода и го оспорува на суд.

На прашањето дали очекува да постигне договор со Харвард по последните потези 
на Белата куќа , претседателот Трамп рече дека смета оти тоа би било можно.

„Мислам дека да. Харвард беше многу лош, тотално антисемитски, и да, тие апсолутно ќе се согласат со договорот“, рече Трамп.

Министерството за образование и Министерството за здравство и социјални услуги соопштија дека го известиле телото за акредитација, Комисијата за високо образование на Нова Англија, дека Харвард го прекршил федералниот закон против дискриминација со тоа што не обезбедил заштита за еврејските и израелските студенти на кампусот.

„Постојат сериозни докази дека универзитетот можеби повеќе не ги исполнува стандардите за акредитација на комисијата “, се вели во соопштението, повикувајќи се на наод од Канцеларијата за граѓански права на секретарот за здравство.

Министерката за образование Линда Мекмахон изјави дека очекува комисијата редовно да го известува Министерството за своите чекори за да се осигури дека Харвард е во согласност со федералниот закон и стандардите за акредитација.

Харвард тврди дека станува збор за политичка одмазда и обид за ограничување на правата на слобода на говор откако универзитетот ги одби барањата на администрацијата да се откаже од контролата врз наставната програма и политиките за прием, а универзитетот претходно поднесе тужба против федералната влада откако му беа одбиени милијарди долари финансирање.

Администрацијата на претседателот Трамп вели дека се обидува да изврши притисок врз Харвард и другите елитни универзитети во земјата, обвинувајќи ги дека стануваат „упоришта на левичарската „разбудена“ идеологија и антисемитизам“, проценува Ројтерс.