Последни фото моменти пред хеликоптерската трагедија во Њујорк – извршниот директор на Сименс Шпанија со сопругата и трите деца

Агустин Ескобар, претседател и извршен директор на Сименс Шпанија, го загуби животот во трагична хеликоптерска несреќа, заедно со неговата сопруга Мерс Камруби Модал и нивните три малолетни деца – на возраст од 4, 5 и 11 години.

Тешкиот инцидент се случил во четвртокот вечерта, кога хеликоптерот со кој патувале паднал во реката Хадсон во Њујорк, пишува Си-Ен-Ен .

Само неколку моменти пред поаѓањето, Ескобар беше фотографиран како насмеан покрај своето семејство, во последните моменти од нивниот живот. На друга фотографија, сите се гледаат во хеликоптерот Bell 206L-4 LongRanger IV, неколку минути пред да полета несреќниот лет.

Според првичните извештаи, хеликоптерот се урнал само 17 минути по полетувањето, како последица на технички дефект – губење на пропелерот на опашката – што довело до неконтролирано паѓање во водите на реката Хадсон. На објавената снимка се гледа драматичниот момент на несреќата.

Семејството Ескобар претходно истиот ден пристигнало во Њујорк на патување на одмор.

Агустин Ескобар го презеде раководството на Сименс Шпанија на крајот на 2022 година. Со над 25 години искуство на лидерски позиции во САД, Латинска Америка, Шпанија и Германија, тој важеше за почитувана и влијателна личност во светот на меѓународниот бизнис.