Ризикот од ширење на колера во Либан е „многу висок“, предупреди Светската здравствена организација, откако беше откриен случај на акутна и потенцијално фатална инфекција во земјата погодена од конфликтот, пренесува АФП.
СЗО го истакна ризикот од ширење на колера меѓу стотици илјади раселени луѓе откако Израел ја засили својата кампања против Хезболах.
„Ако епидемијата на колера се прошири на раселеното население, таа може да се разгори многу брзо“, рече Абдинасир Абубакар, претставник на СЗО во Либан, за време на онлајн прес-конференција.
Либанското Министерство за здравство соопшти дека е потврден случај на колера кај Либанец кој во понеделникот отишол во болница. Пациентот од Амуније во северен Либан не патувал претходно, соопшти Министерството.
Либан ја доживеа првата епидемија на колера во последните 30 години помеѓу 2022 и 2023 година, главно на северот на земјата. Според СЗО, болеста, која предизвикува тешка дијареа, повраќање и грчеви во мускулите, генерално е предизвикана од јадење или пиење храна или вода загадена со бактерии од колера.
Здравствената агенција на ОН со месеци предупредува дека болеста може повторно да се појави поради „загадената вода и влошените санитарни услови“ меѓу раселените и нивните заедници, рече Абубакар.