– Кадровската политика е тема која треба да биде високо на приоритетите на една влада со цел да имаме функционирање на здравствениот систем, рече доктор Ирена Алексиоска Папестиев, член на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ на денешната дебата Здравствена платформа за иднина на тема „Концепт за здравство“ што се одржува во Штип.
Според Алексиоска Папестиев здравството е камен на сопнување на секоја влада. Таа посочи дека здравствениот сектор на власта на СДС и ДУИ го користеше за поставување на партиски послушници и тоа водеше кон дисфункционален систем. Или како што додаде, вработувања имаше каде не треба и обратно. Забележа дека педијатри има најмалку. Таа посочи дека до крајот на годината има проценка дека ќе останат само 15 матични педијатри или ако дете да се разболе да нема каде да се однесе.
-Има незадоволни здравствени работници, а тоа води кон незадоволни пациенти. Во последните пет години 939 лекари врз база на добиени дозволи за работа ја напуштиле државата. Значи сериозно иселување на младите затоа што оваа власт не им даде надеж дека може да го искористат својот потенцијал тука, заклучи Алексиоска Папестиев.
На денешната здравствена платформа за иднина во Штип на тема „Концепт во здравство“, говореше и доктор Ристо Симеонов, според кого регионализацијата е предуслов за добивање на квалитетни здравствени услуги.
-Регионализација е предуслов за добивање квалитетни здравствени услуги во еден модерен здравствен систем. Тоа значи постоење на неколку регионални болници, една од тие би била и штипската болница каде пациентите ќе ги добиваат сите здравствени услуги во или блиску местото на живеење, наместо да патуваат со денови, недели, месеци по неколку пати во Скопје за прегледи, дијагностики, интервенции, терапија сите тие здравствени услуги ќе ги добиваат во регионалната болница и тие здравствени услуги ќе бидат на терциерно ниво каде ќе може пациентот да ги добие во местото на живеење односно во болницата во тој регион, рече Симеонов.
Доктор Игор Николов на денешната трибина на ВМРО – ДПМНЕ во Штип најави дека е планирано во новата Програма да се опфатат три круцијални сегменти: ефективност, ефикасност и екомичност во здравствениот систем.
-Оваа последна точка се поврзува со она прашање, кое што вие го поставивте, корупција или несоодветно трошење на средствата, кои што ги има во јавното здравство. Секако тука преставуваат еден круцијален дел, тие протоколи на функционирање на здравствените организации и институции, почнувајќи од примарно здравство, секундарно здравство, па и во терцијалното здравство, каде што се клиниките и каде што чувме и претседателот најави дека ќе има драстични промени во начинот на функционирање и во начинот на кој што ќе се нотираат економски бенефити, односно да нема растурање на ресурсите, рече Николов на денешната дебата.
Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, доктор Олга Лозановска истакна дека болницата во Битола е во многу тешка состојба.
-За жал денес Клиничката болница Битола е сведена на селска амбуланта, недостига медицински персонал, има затворање на одделението за пнеумофтизиологија, одделението за инфективни болести работи со еден доктор и е со полно работно време и еден доктор со скратено работно време, одделението на урологија работи со еден уролог, неврохирургија има еден неврохирург, на неонатологија еден неонатолог, вели Лозановска.
Доктор Синиша Стојаноски, пратеник во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната дебата говореше околу хаосот кој настанува со врзаните потписи на економските и медицинските директори на клиниките коишто неретко служат за трговија со влијание и за тоа како ВМРО-ДПМНЕ планира да го реши тој проблем. Стојаноски додаде дека веројатно првичната причина на ваквиот тип на менаџирање била ефективност и економичност меѓутоа се случува спротивното. Тој додаде дека една од главните цели на програмата на ВМРО-ДПМНЕ покрај нулта корупција ќе биде и економичното и домаќинско работење на здравствените институции.