„Почина на лице место“: Трагедија на иконскиот стадион, судијата го прекина натпреварот, полицијата собира докази (фото)
Трагична вест доаѓа од Аргентина, каде фудбалски навивач го загуби животот на натпревар откако падна од трибините.
Тоа се случи на стадионот „Монументал“ во Буенос Аирес, на мечот на водечкиот тим во аргентинскиот шампионат Ривер Плата против тимот на „Дефенса и Јустиција“.
Веднаш по инцидентот на терен излегоа полицајци и пожарникари, додека судијата Фернандо Рапалини го прекина натпреварот.
Претставниците на Ривер Плата соопштија дека навивачот починал на лице место и дека истрагата е во тек. Трагичниот инцидент се случи во 26. минута, по што од останатите гледачи беше побарано да го напуштат стадионот.
Починатиот навивач на Ривер имал годишен билет за сите натпревари, па според првите информации се работи за несреќен случај.
„На местото на инцидентот веднаш пристигнала медицинската служба, како и полицијата и различни безбедносни агенции. Трибината ,,Сивори Алта” беше со 90% од нејзиниот капацитет. Во моментот на падот немало интервенции од трета страна. Потврдено е и дека немало насилство на или околу трибините“, се вели во соопштението на аргентинскиот великан.
Подоцна беше потврден идентитетот на несреќниот навивач. Неговото име е Пабло Марсело Серано.
„Ова е ден на длабока тага“, соопштија од Ривер, додека раководството на аргентинската лига истакна дека сочувствува со страдањето на семејството и пријателите.
Стадионот беше затворен 24 часа за да се соберат докази и да се изврши истрага.
Извори од полицијата и лекарите на новинарите на аргентинскиот ,,Кларин” им рекле дека несреќниот 53-годишник си ја удрил главата во бетон и немало како да го спаси. На тој кобен ден на стадионот пристигна со својата малолетна ќерка која го следеше натпреварот од друга трибина.
Кога навивачот го напуштил стадионот за да си оди дома, пријателите на Серано забележале дека тој не пристигнал во автобусот, па се вратиле на стадионот и го идентификувале неговото тело.
„Со цела душа те сакам чичко, рајот има нов ангел“, напиша неговиот внук на социјалните мрежи со фотографијата на Серано.
Кога ќерката на Серано се вратила на стадионот, луѓето блиски до починатиот збеснале поради телевизиските камери кои го снимиле нејзиното доаѓање.
Весникот ,,Кларин” објави и како несреќниот навивач на Риверо паднал од височина поголема од 15 метри.
Изминативе години кај Монументалот се случија уште два инциденти. По натпреварот помеѓу Ривера и Сан Лоренцо во 2018 година, телото на Хулијан Барионуева (19) беше пронајдено во близина на стадионот. Според судската истрага, младиот човек во зори го контактирал татко му за да му каже дека заспал на стадионот. Полицијата тогаш соопшти дека тој конзумирал големи количини алкохол и се обидувал да го напушти стадионот иако сите излези биле затворени. Тој скокнал од трибината на Белграно и бил пронајден мртов на тротоарот во близина на стадионот.
Една година претходно, за време на натпреварот помеѓу Ривера и Расинг, уште едно лице падна додека се обидуваше да се пресели од трибината на Белграно Алта на трибината Сентенарио. Несреќниот маж потоа го преживеал падот од десетина метри, а лекарите констатирале повеќе скршеници, како и високо ниво на алкохол во крвта. Ден подоцна тој навивач бил отпуштен од болница, а во својот календар можел да го запише датумот 18 јуни 2017 година како втор роденден…