Почина Никола Проески, татко на легендарниот музичар Тоше, а веста за неговото заминување денес на социјалните мрежи ја објави Дора, неговата ќерка, со зборовите
–Светол патот, татко мој.
Родителите на Тоше, кој почина пред 16 години во сообраќајна несреќа во Хрватска, Доминика и Никола, живееа повлечен живот по смртта на нивниот син и не се појавуваа во јавност.
Како што во минатото изјави сопругот на сестрата на Тоше, Славен Ристески, тие немаат сили да бидат дел од низата настани кои се организираа во чест на Тоше.
Не присуствуваа ниту на концертот посветен на Проески кој се одржа во Скопје во 2018 година, а на кој настапи неговиот внук Кристијан, бидејќи, како што тогаш раскажа Славен, многу им е тешко и болката по сите изминати години не поминува ниту пак се намалува. Единствен пат кога Никола Проески се огласи во јавност беше во 2015 година, по повод објавените снимки на СДСМ, според кои тогашниот министер за транспорт Миле Јанакиески и неговата колешка Елизабета Канческа-Милевска зборуваат за наводна партиска непослушност на семејството на Тоше.
Тогаш таткото на Тоше во изјава за 24 вести порача неговиот син да биде оставен да почива во мир.
-Праќам апел до целата јавност до сите Македонци, Албанци, Власи, Срби, Бошњаци, Роми, Турци и сите останати, јас Никола Проески велам ако сме криви нека излезе правдината на мегдан и ве замолувам да ми ја оставите фамилијата на раат, посебно син ми Тодор, гласеше неговиот апел. Семејството Проески се уште нема објавено детали за последното испраќање на таткото на легендарниот музичар и хуманист Тоше.