ПОЧИНА ФРАНЦ БЕКЕНБАУЕР – Замина еден од најголемите играчи во историјата на светскиот и германскиот фудбал
Еден од најголемите играчи во историјата на германскиот фудбал, Франц Бекенбауер, почина денеска на 78-годишна возраст.
Легендарниот фудбалер боледувал од алцхајмерова болест која значително се влошила, а денеска стигна веста дека починал.
Франц Бекенбауер е роден на 11. септември 1945 година во Минхен и одбележа епоха во светскиот и германскиот фудбал.
„Со најдлабока болка објавуваме дека нашиот сопруг и татко, Франц Бекенбауер, почина мирно во сон во неделата, опкружен со членовите на неговото семејство“, се вели во соопштението на семејството Бекенбауер.
Поголемиот дел од кариерата го помина играјќи во дресот на Баерн Минхен, за кој настапуваше од 1964 до 1977 година.
Познат по прекарот Кајзер Франц, тој беше еден од најдобрите центархалфови во историјата на фудбалот.
Франц Бекенбауер во својата играчка кариера, покрај за Баерн Минхен, играше и за Космос од Њујорк (1977-80), Хамбургер (1980-82) и повторно за Космос во 1983 година.
Во кариерата одигра 754 натпревари и постигна вкупно 98 голови.
Франц Бекенбауер 13 години го носеше дресот на германската репрезентација и на 103 натпревари постигна 14 гола.
Извесен период работеше и како тренер, беше селектор на германската репрезентација од 1984 до 1990 година.
Тој го водеше и Олимпик Марсеј од клупата и Баерн Минхен во два наврати.
Во исклучително трофејната кариера, Кајер Франц пет пати беше шампион на Германија, освои и четири купа од германскиот куп, а има и три пехари во Купот на шампионите и еден Куп на победниците на куповите и по еден Интерконтинентален куп.
Една титула освои и со Космос, како и со Хамбургер во сезоната 1981/82.
Тој го освои Светското првенство со Германија во 1974 година, а играше во познатото финале со Англија во 1966 година.
Исто така, тој ја има титулата европски првак со Германците во 1972 година.
Како тренер го освои Светското првенство со Германија во 1990 година во Италија, со Олимпик Марсеј беше шампион на Франција во 1990/91 година, додека со Баерн Минхен ја освои Бундес лигата во 1993/94 и Купот на УЕФА во 1995/96 година.
Двапати ја освои Златната топка за најдобар играч на светот, во 1972 и 1976 година, а четири пати беше избран за најдобар играч на годината во Германија.
Од смртта на неговиот син Стефан во 2015 година, неговата здравствена состојба постојано се влошува.
Оттогаш, тој се бореше со паркинсоновата болест, деменција и имаше неколку операции на срцето.
Франц Бекенбауер, кој со Германија го освои Светското првенство како играч во 1974 година, а потоа и како селектор во 1990 година во последно време не се појавуваше во јавноста.
Последен пат беше виден во јануари годинава, а откако во јули не се појави на прославата на 33 години од освојувањето на титулата светски првак, почнаа да се шират гласини дека е тешко болен, што за жал се покажа како точно.