Почна дводневната Годишна конференција „Година на нови можности“

 Со обраќање на премиерот Димитар Ковачевски започна годишната конференција „Година на нови можности“, која ќе трае два дена.

Премиерот Ковачевски во своето обраќање ќе даде осврт на најзначаjните теми кои беа во фокус изминатиот период, како и за плановите на Владата кои имаат за цел да обезбедат подобар стандард и подобри услови за живот на сите граѓани и во услови на најголемата светска економска и енергетска криза.

На конференцијата ќе се обрати и првиот вицепремиер, Артан Груби. Во рамки на конференцијата во двата дена е предвидено одржување на вкупно 8 панели на различни теми.

Целта на конференцијата е преку дискусија најпрво да се направи пресек на она што е направено во 2022 година, како и да се дадат насоки и визии за 2023 година.

На првиот панел „ЕУ интеграции и реформски процеси“  ќе се дискутира за евроинтегративниот процес, скринингот, европските фондови, општествените реформи како и владеењето на правото и европските вредности.

На вториот панел „Капитални и инфраструктурни проекти за подобар квалитет на живот и развој на културата во услови на криза“ ќе се разговара за капиталните инфраструктирни инвестиции, но и за достигнувањата и плановите, како и остварените и планирани капитални инвестиции во образованието, културата и животната средина.

На третиот конференциски панел „Инвестиции и економски раст во услови на криза”, ќе се дискутира за условите и можностите кои ќе обезбедат дополнителни странски и домашни директни инвестиции, ќе обезбедат нови работни места, повисок стандард, но и за генералните насоки за економски раст во услови на криза.

„Социјални и здравствени политики во време на криза“, пак се темата за која ќе се разговара на четвртиот панел, при што ќе стане збор за ефектите од антикризните мерки, воведувањето на новите методологии за раст на минимална и просечна плата како и новата методологија за раст на пензиите, како и за здравствените политики во изминатава и следнава година.

Од Владата информираат дека и во текот на вториот ден од конференцијата ќе се одржат, исто така, четири панели.

Конференција  почнува со Панелот со наслов „Северна Македонија како зелен енергетски хаб – како да се претвори кризата во можност“ на кој ќе се дискутира за енергетските предизвици, енергетската трансформација на земјата и потенцијалите на зелената економија.

На вториот панел „Надворешна, безбедносна и одбранбена политика, предизвици и можности за обезбедување меѓународна соработка и сигурност“,  ќе се дискутира за важноста на нашето претседавање со ОБСЕ, придобивките од членството во НАТО, како и останати аспекти на надворешната, безбедносната и одбранбената политика на Северна Македонија.

-На третиот панел „Фискални, монетарни и даночни политики во време на криза“  ќе се разговара за предизвиците и можностите за спроведување фискални, монетарни и даночни политики кои ќе обезбедат стабилност, сигурност и можност за понатамошен економски развој. На четвртиот, завршен панел со кој ќе се заокружи конференцијата е насловен „Рамномерен регионален и локален развој и придобивки од новиот систем за субвенции во земјоделство“. Ќе се дискутира за можностите за развој на земјоделието преку новиот систем за субвенционирање, како и за можностите за рамномерен регионален развој преку поддршката на локалната самоуправа, но и за улогата на дијаспората за развојот на локалната економија, информираат од Владата.

Освен премиерот Ковачевски, на панелите кои ќе се одржат двата дена, ќе учествуваат членовите на Владата, директори на државни управи и агенции, државни акционерски друштва, стопански комори, експерти, претставници на меѓународни организации, како и претставници на други значајни правни субјекти во државава.