Почна изградба на логистичко-дистрибутивен центар „Лидл“ во Речица

Почна изградбата на логистичкиот и дистрибутивен центар „Лидл“ во индустриската зона Речица во Куманово. Инвестицијата е 80 милиони евра и ќе отвори повеќе од 150 работни места. Парцелата зафаќа површина од 170.997 метри квадратни, логистички центар од 63.000 метри квадратни и комплекс со главна зграда, административни канцеларии и напредна инфраструктура и ќе користи обновливи извори на енергија. Покрај претставници на компанијата на отворањето присуствуваа и владини претставници, амбасадорка на Германија и од локалната власт.

Премиерот Димитар Ковачевски кажа дека е задоволство што „Лидл“ ја одбра државата и е во близина на родното Куманово.

– Денешниот настан е потврда за нашето долгорочно цврсто партнерство со нашите германски партнери и стимул за нашите економски политики кои создаваат поволен и предвидлив деловен амбиент за странските инвеститори кои ја одбираат нашата држава како стабилно и безбедно место за нивните инвестиции. Верувам дека Лидл ќе испише успешна приказна и во нашата држава, како што тоа е случај и во регионот. Исто како што испишува во светски рамки бидејќи верува во луѓето и во нивниот потенцијал. Неслучајно често пати велам дека најголем двигател на нашиот развој се луѓето. Тие се нашиот најголем адут и нашата најголема вредност. И затоа треба да вложуваме во нивниот развој, кажа премиерот.

Ковачевски посочи дека преку политиките со евроатлантска ориентација, постигнато е највисоко ниво на странски директни инвестиции од 754 милиони евра во најкризната година во Европа и очекува мултиплицирање по влезот во ЕУ.

– Создадовме поволни услови за раст и во технолошко-индустриските развојни зони, каде бројот на вработени се искачи на 18.000, а просечната бруто-плата во компаниите, според најновите податоци, надмина 60.000 денари. Македонскиот пазар не е веќе изолиран. Планот за раст за Западен Балкан ни ги отвора вратите кон заедничкиот европски пазар и не става на брза лента за влез во Унијата преку зголемување и зацврстување на регионалната соработка, рече Ковачевски.

Тој кажа дека врвен приоритет е да се донесе Европа дома, преку заедничка работа, обединети во концептот за просперитетна европска иднина.

Вицепремиерот Битиќи рече дека тимовите посветено работеле на создавање услови за овој дистрибутивен центар и дека Лидл гледа во земјава парнер за заеднички успех. Тој најави и други инвестиции во зоната.

– Компаниите како „Лидл“ даваат позитивен пример и поттик за сите останати и создаваат култура на деловна мотивираност и промовираат здрава конкурентност. Сето ова влијае на подобрување на продуктивноста, зголемување на бројот на вработените, како и економскиот раст. А отворањето на ланецот синџири на маркети „Лидл“ е важен и за развојот на локалните производители и добавувачи кои знам дека во „Лидл“ веќе имаат доверлив партнер, кажа вицепремиерот.

За граѓаните, рече, тоа се поевтини и квалитетни продукти и очекува дека Лидл ќе биде креатор на нова ера на пазарот.

Тој додаде дека Лидл веќе организирал извоз на македонски продукти во соседството, посочувајќи дека преку компанијата се креира силен вредносен ланец на компанииите во земјава што им дава конкурентска предност која треба да се искористи.

Рубријан Хаџиев, генерален директор на Лидл Северна Македонија., кажа дека ова е најголема инвестиција во земјава.

– Лидл Северна Македонија е дел од меѓународното семејство на Лидл и овде, заедно со нашиот тим, кој во моментов брои повеќе од 100 вработени, сакаме да го имплементираме искуството што го стекнавме во повеќе од 30 земји со ист стандард и ист квалитет. Ќе инвестираме околу 80 милиони евра само во изградба на логистичкиот центар за да создадеме модерен и одржлив објект, според најновите градежни стандарди. Лидл е одговорен, сигурен и фер партнер и за купувачите и за своите добавувачи. Дел од нашата корпоративна политика е воспоставување долгорочна и сигурна соработка со локалните производители, рече во обраќањето Хаџиев.

Германската амбасадорка Петра Дрекслер, потсети на блиските економски односи меѓу двете земји, истакнувајќи дека голем број германски претпријатија се присутни во земјава и според неа тоа е показател на добрите односи. Зборувајќи за модернизација на германското стопанство на климатско-неутрална трансформација, кажа дека и Лидл има такви стандарди за еколошка одржливост и обновливи енергии.

-Оваа инвестиција претставува добар сигнал за нашата земјоделско-економска соработка затоа што ние решивме заедно да работиме на еден аграрен сектор кој ќе биде ориентиран кон иднината и ќе ги штеди ресурсите и ќе се одвива во рамките на европскиот интеграциски процес и затоа е многу важно не само да бидат атрактивни руралните средини туку да има и добри мрежи на дистрибуција и пазари за продажба на производите затоа сметам дека со ова мрежа на филијалите може многу да се постигне, кажа амбасадорката.

За градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, подготвителните активности за градба значат и развој на индустриската зона Речица, поголем број вработени од Куманово и регионот. Тој упати благодарност до компанијата која ја избра токму кумановската индустриска зона

– Овој нов стопански капацитет, кој ќе се простира на 63.000 метри квадратни и изграден склад со логистички центар, во иднина очекуваме да вработи над 150 луѓе, но и дополнително да ангажира голем број логистички и шпедитерски компании од градот, регионот, државата и пошироко со непречен транзит на стоки и добра, со што ќе придонесе за зголемување на БДП, не само во општина Куманово, туку и пошироко, рече Димитриевски.

Лидл Северна Македонија го купи земјиштето во септември 2023 година, преку јавен оглас од општината. Куманово инкасираше 5,3 милиони евра од продажбата.