Почна исплатата на субвенциите за сточарско производство

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информираа дека започна исплатата на субвенциите за сточарското производство.

Нагласуваат дека Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ги изготвила платните налози за финансиска поддршка за одгледување овци, кози и говеда и ги испратила до касата на Министерството за финансии.

Корисници на оваа поддршка се земјоделските стопанства кои презентираа одгледување овци, кози и говеда, а кои до денот на поднесување на барањето имаат наполнето 12 месеци.

„Креирана е нова мерка за поддршка за одржување на ливадите, во износ од 6.000 денари по хектар. Мерка по европски стандарди, која има за цел да ги пушти во употреба површините наменети за ливади и пасишта, за производство на храна за животни. Преку програмата за рурален развој им помагаме на сточарите околу трошоците за ангажирање работна сила за чување и напасување добиток на пасишта или ливади. Од 360.000 денари по сточар, што е минимална, на 620.000 денари, се зголемува платата за сточарите, додека сегашниот критериум над 700 метри надморска височина е целосно отстранет“, се вели во соопштението.