Во текот на летните месеци тешко е да и’ се одолее на лубеницата, но луѓето со хронична бубрежна болест треба да бидат внимателни. Според студија на случај објавена во Annals of Internal Medicine: Clinical Cases, биле анализирани тројца пациенти со хронична бубрежна болест кои сериозно се разболеле откако јаделе премногу лубеница.
Зошто? Лубеницата најмногу се состои од вода, но ова сочно овошје изобилува со витамини и минерали, од кои најдоминантен е калиумот. Приближно парче лубеница од 286 грама содржи 320 милиграми калиум, што е околу 12 проценти од препорачаната дневна доза за жени и околу 9 проценти за мажи.
Затоа, за просечниот здрав човек, лубеницата е изобилен и вкусен извор на калиум, минерал кој им е потребен на нервите за да помогне во пренесувањето на сигналите, вклучувајќи ги и оние кои предизвикуваат мускулна контракција. Тој е исто така одговорен за одржување на нормално ниво на течност надвор од клетките и за одржување на крвниот притисок под контрола.
Во нормални околности, вишокот на калиум, кој не се користи во овие процеси, се отстранува преку бубрезите и се излачува од телото со урина. Сепак, за луѓето со хронична бубрежна болест, бубрезите не се толку ефикасни во филтрирањето на калиумот. Затоа за тројца пациенти во гореспоменатата студија на случај, јадењето премногу лубеница резултирало со развој на тешка хиперкалемија, состојба во која има премногу калиум во крвта.
Пациентите имале помеѓу 6,6 и 7,4 mmol/L калиум во крвта, а нормалниот опсег е помеѓу 3,5 и 5,0 mmol/L. Сите тројца пациенти консумирале големи количини лубеница секој ден во период од три недели до два месеци.
Хиперкалемијата не секогаш резултира со очигледни симптоми, како што беше случај кај еден од тројца пациенти. Сепак, тоа може да има и прилично сериозни последици. На пример, двајца други пациенти имале проблеми со срцето. Други симптоми може да вклучуваат мускулна слабост, пецкање, гадење и, во тешки случаи, отежнато дишење и болка во градите.
Иако може да биде сериозна, хиперкалемијата може да се лекува. Откако престанале да консумираат лубеница, сите тројца пациенти по неколку месеци имале нормално ниво на калиум во крвта.