Поштарот не доставил 30.000 писма за четири години: Во неговиот дом полицијата пронашла бизарна сцена

Се тврди дека му олеснало кога го откриле и веднаш признал што направил

Вработен во компанијата „Дојче Пост“ , која доставува пошта во Германија, со години не си ја врши работата како што треба, но на крајот бил откриен.

Утврдено е дека тој не доставил 30.000 писма и дополнителни списанија, туку ги сокрил во станот, пренесува Билд .

„Можеме да потврдиме дека вработениот задолжен за градот Папенбург, кој во меѓувреме е отпуштен, не доставил пошта според прописите“, соопшти компанијата.

Како беше откриен случајот? „Дојче пост“ доби анонимна дојава , а нивните експерти веднаш стапија во контакт со полицијата.

„Ние тесно соработуваме со органите за спроведување на законот“, истакна портпаролката на компанијата.

Кога полицијата го пребарала станот, наишла на бизарна глетка. Наводно, писмата биле натрупани речиси до таванот.

„Жалиме за инцидентот и им се извинуваме на клиентите за доцнењето“, се вели во соопштението.

Локалните медиуми јавуваат дека мажот наводно имал психички проблеми, а писмата ги чувал во својот дом бидејќи верувал дека „процесот на испорака е завршен“.

Се тврди дека му олеснало кога го откриле, веднаш признал што направил и соработува со полицијата и со својот поранешен работодавец.

Останува прашањето што ќе биде со 30.000 писма.

Секој од примателите ќе добие писмо со образложение, а доколку не е можна испорака, ќе ги вратиме на оригиналниот испраќач“, соопштено е.