По двонеделна пауза пратениците се враќаат на работа: Се очекува формирање комисија за истрага на трагедијата во Кочани
По двонеделна пауза поради трагедијата во Кочани, пратениците утре се враќаат во Собранието. Според распоредот објавен на веб-страницата, веќе се закажани седници на повеќе комисии.
На ваквата одлука остро реагираше дел од јавноста, па Собранието извести дека пратениците работат, но се откажани само пленарните седници и комисиите.
Во меѓувреме, опозициската СДСМ побара формирање на истражна комисија за кочанската трагедија преку која ќе се бара проверка на фактите, но и политичка одговорност за трагичниот настан.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека немаат ништо против истражната комисија, но рекоа дека треба да се прошири и да ги опфати и претходните трагедии.
Од ДУИ, пак, побараа собраниска комисија да го испита начинот на кој се водат истрагите. Од тие причини ги повикаа Владата и МВР да дадат одговор за функционирањето на агенцијата за обезбедување Рубикон која го обезбедувала ноќниот клуб „Пулс“.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски за ТВ24 вели дека форматот на комисијата не е толку важен. Според него, најважно е комисијата да се развие на транспарентен начин и да учествуваат многу политички партии.
Инаку, одлуката на Собранието да не заседава е донесена веднаш по истекот на седумдневната жалост за кочанската трагедија.