– Членките на Обединетите нации по десет години преговори доцна синоќа во Њујорк го усогласија текстот на Договорот за отворено море, кој треба да заштити 30 отсто од светските океани.
Главни причини што го одолговлекоа усвојување на Договорот беа несогласувањата околу финансирањето и правата за риболов.
Последниот меѓународен договор за заштита на океаните, Конвенцијата за правото на морето, беше потпишан во 1982 година, со што беше воспоставени концептот на отворено море и меѓународни води во кои сите земји имаат право на риболов, пловидба и истражување.
Но, со Конвенцијата беа опфатени и заштитени само 1,2 отсто од светското море. Животинските и растителните видови надвор од овие заштитени подрачја со години беа загрозени поради климатските промени, поморскиот сообраќај и риболовот. Според најновата проценка на Меѓународната унија за зачувување на природата, речиси десет проценти од животинските и растителните видовите се во опасност од исчезнување.
Со новиот Договор за отворено море во заштитените подрачја ќе биде ограничено количеството на риба што ќе може да се лови, ќе се утврдат поморските рути за движење на бродовите и истражувањата, како што се на пример активностите за ископувањето на минерали, ќе бидат ограничени до длабочина од 200 метри под површината на водата.
Еколошките групи беа загрижени дека ископувањата на минерали на морското дно може да ги загрозат местата за размножување, да создаваат бучава и да ја загадат водата.
Со Договорот, како што соопшти Меѓународното тело за зачувување на морското дно, сите идни активности во длабокото морско дно ќе треба да се усогласат со строгите меѓународни правила и да се надгледуваат за да се осигура дека тие се спроведуваат одржливо и одговорно.
Една од главните „точки на сопнување“ при усвојувањето на Договорот се однесуваше на користењето на морските генетски ресурси. Станува збор за биолошки материјали од растенија и животни од океанот, кои можат да се користат во фармацевтската индустрија или за производство на храна. Богатите земји имаат ресурси и средства да ги истражуваат длабочините океаните, но посиромашните држава инсистираа тоа што ќе биде пронајдено при овие истражување да биде подеднакво споделено.
– Големиот предизвик лежи во фактот дека никој навистина не знае колку вредат океанските ресурси и тешко е да се поделат. Замислете го тоа како огромен Ха-Де телевизор. Ако на него работат само три или четири пиксели, тоа ќе е нашето знаење за океанот. Досега во него забележавме околу 230.000 видови, но се проценува дека има повеќе од два милиони, изјави д-р Роберт Блазијак, истражувач на океаните од Универзитетот во Стокхолм.
Спаред Лаура Мелер, од нордискиот огранок на Гринпис, потребно беше разликите да се остават на страна и да се постигне договор што ќе овозможи заштита на океаните.
– Да изградиме отпорност на климатските промени и да ги зачуваме животите и благосостојбата на милијарди луѓе. Денеска е историски ден за зачувување и знак дека во овој поделен свет, заштитата на природата и луѓето може да триумфира над геополитиката, изјави Мелер за Би-Би-Си.
По начелното усвојување на Договорот за отворено море, треба да претстои негово формално усвојување, а потоа да почне и неговата имплементацијата.