По Курт, Шоле му се јавува и на Вучиќ – ги посочи придобивките за Косово и Србија од спроведувањето на европскиот план
Високиот советник на Стејт департментот на САД, Дерек
Високиот советник на Стејт департментот на САД, Дерек Шоле, неколку часа пред средбата на двајцата лидери во Охрид оствари одвоени телефонски разговори со премиерот на Косово, Албин Курти и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Шоле им порача дека спроведувањето на Европскиот план за нормализирање на односите меѓу двете земји ќе донесе придобивки за двете земји.
„Разговарав со премиерот на Косово, Албин Курти за разговорите на 18 март за нормализација на односите со Србија преку дијалог со посредство на ЕУ. Имплементацијата [на европскиот предлог] ќе обезбеди значителни придобивки за двете земји и ќе покаже посветеност за мирна иднина во регионот“, напиша високиот американски советник на Твитер, по разговорот со Курти.
Во меѓувреме, Шоле најави дека имал добар разговор со Вучиќ за „важноста од конструктивен ангажман“ во предлогот на ЕУ, кој според него е консолидиран.
„Добар разговор со претседателот Вучиќ. Тие се согласија за важноста од конструктивен ангажман за консолидираниот предлог на ЕУ на 18 март. Ја реафирмирав поддршката на САД за дијалогот со посредство на ЕУ и придобивките што нормализацијата на односите ќе ги донесе на Србија и на целиот регион на Западен Балкан“, напиша тој понатаму.
Инаку, премиерот Курти преку објава на Твитер се огласи за разговорот со Шоле, кој истакна дека Косово е посветено на успешно завршување на средбата во Охрид.
„Разговаравме за важноста на овој викенд за Косово, регионот, евроатлантските интеграции и безбедноста. Нагласив дека сме посветени утре да биде успешна“, напиша Курти.
Косово и Србија го прифатија европскиот предлог на 27 февруари, а во сабота, на 18 март, во Охрид, Северна Македонија, премиерот на Косово, Албин Курти и српскиот претседател, Александар Вучиќ, ќе разговараат за планот за имплементација на овој договор. .
Во документот од 11 члена – кој беше објавен во јавноста од Европската унија – конкретно не се споменува меѓусебното признавање, за кое Владата на Косово рече дека треба да биде во центарот на евентуалниот договор за нормализирање на односите.
Но, во членот 2 од предлогот се споменува дека страните мора да ја почитуваат меѓусебната независност, суверенитет и територијален интегритет. Предлогот вклучува и заложба на страните да ги почитуваат сите досега постигнати договори во дијалогот за нормализација на односите, како и заложба меѓусебно да не се кочат во интегративните процеси.
На европскиот предлог се гледа како на привремен договор кој ќе доведе до конечниот меѓу Косово и Србија. Иако не предвидува взаемно признавање, западните дипломати велат дека тоа е најдобриот договор што во моментов може да се постигне меѓу Косово и Србија.