Руските сили запленија вредно наоѓалиште на литиум во регионот Донецк во источна Украина, оставајќи го Киев без клучен ресурс кој требаше да биде основа за нова економска соработка со Соединетите Американски Држави.
Локацијата се наоѓа во близина на селото Шевченко, на запад од Донецката област, и според независни групи кои го следат движењето на фронтот преку географски лоцирани видеа, таа паднала во руски раце како дел од летната офанзива што ѝ носи на Москва постојани територијални добивки.
Иако областа зафаќа само 40 хектари, локацијата се смета за една од најперспективните во Украина поради богатата концентрација на литиум, пишува „Њујорк тајмс“ . Литиумот е клучен елемент во производството на модерна технологија, особено електрични батерии, а САД го означија како минерал од стратешко значење за националната безбедност.
Администрацијата на Доналд Трамп неодамна потпиша значаен договор со Украина, кој им овозможи на американските компании преференцијално да инвестираат во експлоатација на украинските минерални ресурси. Но, губењето на локацијата Шевченко го истакнува основниот проблем со договорот – колку повеќе територија освојува Русија, толку помалку ресурси Киев може да му понуди на Вашингтон.
„Доколку руските сили продолжат да напредуваат и да освојуваат нови области, тие ќе добијат контрола врз сè поголем број минерални наоѓалишта“, рече Михајло Жернов, директор на американската компанија „Критикал Металс Корп“, која претходно имаше лиценца за експлоатација на овој локалитет. „Тоа претставува сериозен предизвик за целиот договор“.
Украинската министерка за економија Јулија Свириденко, која го потпиша договорот со американската страна, одби да коментира за оваа загуба.
Договорот предвидува формирање заеднички американско-украински фонд со приоритетни права за инвестирање во рударски проекти. САД се надеваат дека на тој начин ќе ја намалат својата зависност од Кина, која моментално доминира во глобалните синџири на снабдување со стратешки минерали.
За време на преговорите за договорот, Украинците се обидоа да го поврзат договорот за минерали со дополнителна воена поддршка, тврдејќи дека е во американски интерес да се помогне во зачувувањето на територијата богата со ресурси. Но, Вашингтон отфрли таков однос.
За да покаже дека договорот може брзо да донесе резултати, украинската влада минатата недела ги одобри првите чекори кон отворање на големото државно наоѓалиште на литиум „Добра“ за приватни инвестиции. Според министерот Свириденко, токму ова наоѓалиште би можело да биде првото што ќе се експлоатира според договорот. А „Критикал Металс Корп“, и покрај губењето на наоѓалиштето Шевченко, покажува интерес за продолжување на соработката.
Сепак, експертите од секторот истакнуваат дека договорот има многу пречки — од комплицирани процедури за лиценцирање до застарени геолошки истражувања што го отежнуваат прецизното проценување на вредноста на локацијата.
Сепак, најголемиот предизвик останува руското напредување. Москва веќе контролира околу една петтина од територијата на Украина, вклучувајќи бројни наоѓалишта на титаниум, манган и други клучни минерали, како и некои од најголемите рудници за јаглен.
Додека борбите продолжуваат, руските сили се приближуваат кон дополнителни наоѓалишта на титаниум и ураниум.
Иако Украина сè уште има две големи резерви на литиум во централниот дел на земјата, далеку од сегашните линии на фронтот, Шевченко се издвојуваше по квалитетот на рудата – богата со минералот сподумен, кој содржи високи концентрации на литиум, како оние што ја поттикнаа експанзијата на рударството во Австралија.
Потенцијалот на тоа наоѓалиште не ѝ избегал ниту на Русија. Функционери во Донецк, назначени од Москва, претходно изразија интерес за негово искористување.
„Знаеме дека ова место е многу важно за идната економија и има огромен потенцијал“, рече Владимир Ежиков од окупациската администрација на регионот Донецк минатата година. Тој додаде дека „локацијата сигурно ќе добие концесионер“ и дека „инвестициите и експлоатацијата на литиум сигурно ќе следат“.