36-годишна жена, родена само со една срцева комора, родила здрави близнаци во римската Универзитетска болница Гемели, што е прв таков случај во Италија, јави италијанската новинска агенција АНСА.
Нејзиниот случај е прв во Италија и само еден од четирите во светот.
Пораѓањето било можно поради решителноста на жената, како и на напорите на специјалистите од римската педијатриска болница, кои се грижеле за неа уште од детството со вродени срцеви заболувања и вработените во болницата Гемели, каде таа е породенa со царски рез.
Мајката и близнаците, момче и девојче, се добро.
-Знаев дека многу ризикувам со своето половично срце, но сакав да станам мајка, рече таа и додаде: – Раѓањето близнаци е чувство кое не се опишува со зборови.
Близнаците, и двете тешки по 1,4 килограми, се породиле со царски рез во 34-та недела од бременоста, неколку дена пред очекуваниот термин. По само десет дена хоспитализација, мајката и децата можеле да се вратат дома.
Мајката на близнаците е родена со срце без десната комора, делот од срцевиот мускул кој ја турка крвта до белите дробови за оксигенација. Тоа е сложено вродено срцево заболување кое бара низа корективни интервенции во првите години од животот.