ПО 13 ГОДИНИ СРБИЈА ГО ВРАЌА ЗАДОЛЖИТЕЛНИОТ ВОЕН РОК – Властите открија и колку ќе трае воениот рок, додека граѓаните не се многу ентузијасти ?
По 13 години Србија има намера да го врати задолжителниот воен рок, најави денес во телевизиско гостување министерот за одбрана на нашиот северен сосед, Милош Вучевиќ.
„По 13 години треба да го пополниме резервниот состав. Армијата на Србија ја напуштија 13 генерации, немавме задолжителен воен рок. Нашите безбедносни потреби се дека треба да имаме нови регрути кои секогаш се подготвени да ја заштитат земјата. Ги разбираме безбедносните ризици. Ова не е потреба само карактеристична за Србија, многу европски земји го активираат задолжителниот воен рок“, објасни Милош Вучевиќ.
Веднаш по министерот, Министерството за одбрана на Србија официјално соопшти:
„Со цел зголемување на одбранбените способности на српските вооружени сили, преку подмладување и подобрување на пополнувањето и обуката на активните и резервните сили, Генералштабот на Српските вооружени сили како највисоко стручно и кадровско тело за подготовка и употреба на српските вооружени сили во мирнодопски и воени услови, покрена иницијатива и му предложи на претседателот на Републиката и врховен командант на Армијата на Србија, Александар Вучиќ, повторно воведување на обврската за отслужување воен рок до четири месеци“, се наведува во соопштението.
Тие тврдат дека предлогот на Генералштабот на српските вооружени сили доаѓа по детално разгледување на општата безбедносна состојба и современите предизвици со кои се соочува Република Србија како воено неутрална земја, што ја наметна потребата од прилагодување на моделот на регрутирање на Вооружените сили на Србија, со што би се овозможило зајакнување на севкупниот регрутен потенцијал и обука на поголем број граѓани за одбрана на земјата.
По објавувањето на оваа вест, медиумите под контрола на Александар Вучиќ го тестираат расположението во Србија за задолжителниот воен рок, а засега заклучокот е дека Србите не се среќни да одат во војска. Во анкетите, мнозинството граѓани се против воведување задолжителен воен рок, дури и за четири месеци.