ПО 17 ДЕНА ПЕКОЛ, КОНЕЧНО ДОБРИ ВЕСТИ – Големиот шумски пожар на североистокот на Грција постепено се намалува

Големиот шумски пожар, кој за 17 дена опустоши огромни шумски површини во североисточна Грција, постепено стивнува, иако стотици пожарникари се уште се борат со оганот, соопшти денес грчката противпожарна служба, пренесуваат соседните медиуми.

Засилување беше испратено во текот на викендот на шумскиот пожар што гори во регионот на Еврос, во близина на границата со Турција, со што вкупниот број на пожарникари се искачи на 741. На теренот има и 124 возила и два авиони.

Во пожарот животот го загубија 20 лица, а се верува дека сите жртви се мигранти кои неодамна ја преминале границата со Турција. Пожарот избувна на 19. август во близина на градот Александрополис и се спои со други пожари во еден масивен шумски пожар.

До недела изгореа повеќе од 93.000 хектари земја, покажуваат податоците на службата за итни случаи на ЕУ.