По 20 пат на следната седница на Советот е ставена на гласање предлог одлуката за набавка на еко-автобуси
Пред советниците на ВМРО-ДПМНЕ кои се власт во Советот на Град Скопје и мнозинство, по 20 пат за гласање на следната седница е доставена предлог одлука со која треба да се обезбедат нови еколошки автобуси за скопјани. Јавниот превоз е во незавидна состојба, откако автобусите за кои целокупната јавност гледа и реагира дека се децениски дотрајани треба да се заменат со нови, а советниците на ВМРО-ДПМНЕ кои ветуваа нови еко автобуси пред скопјани веќе две години не го исполнуваат ветеното.
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска со цел советниците од ВМРО-ДПМНЕ да се охрабрат да гласаат за реализација на ветувањата кои ги имаат дадено за нови еколошки автобуси, на секоја седница им предлага банката која ќе го финансира проектот како и условите за набавка да ги изберат самите советници во рамки на Советот, бидејќи оваа одлука можат единствено тие да ја донесат и да се помогне скопјани да не чекаат ни минута повеќе на автобуските станици.
За унапредувањето на линискиот превоз на патници, да се обезбеди ефикасен и еколошки превоз кој нема да загадува, неопходно е редовно обновување на автобусите, а досега според програмата требаше да се набавува секоја година по 50 автобуси за да се постигне квалитетот на превоз и услуги кои граѓаните ги заслужуваат, но советниците на ВМРО-ДПМНЕ повеќе од две години не ја гласаат одлуката. Иако е доставена одлука за нови автобуси за следната седница, Претседателот на Совет Трајко Славески спротивно на деловникот и статутот, воопшто не ја става точката на дневен ред за гласање со што го зголемува незадоволството на скопјани поради дотрајаните автобуси. Единствена одговорност по повеќе од две години за недостатокот на автобуси во јавниот превоз имаат советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои се власт и мнозинство во Град Скопје и од кои зависи дали ќе има нови еко автобуси и подобар превоз.
Со реформирање на автобускиот превоз и сукцесивно обновување на возниот парк на ЈСП Скопје со нови еколошки автобуси, ќе се реши проблемот за кој граѓаните постојано се жалат за нередовни автобуси, но нивните реакции нема кој да ги слушне бидејќи советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои се власт и мнозинство во Град Скопје, не гласаат за набавка иако тоа го ветуваа пред граѓаните на локалните изборите во 2021 година.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и лично ги ветуваше новите автобуси за скопјани, за кои дури најави и дека преговара со компанија за набавка на 100 електрични автобуси, но до сега повеќе од 2,5 години тоа ветување не се реализира, како ни неговото ветување за вкупно 250 нови автобуси од програмата за Скопје која лично континуирано изјавува дека ја поддржува.