,,Правеја работи кои јас не можам да ги изговорам, се надевам дека не се живи“: Исповед на келнерка на ,,фестивалот на смртта” во Израел (видео)
Еден од најсмртоносните напади за време на конфликтот меѓу Хамас и Израел се случи на музички фестивал во Израел, во близина на границата со Газа. Илјадници милитанти на Хамас упаднаа на настанот убивајќи цивили и земајќи луѓе како заложници.
Најмалку 260 тела се веќе извлечени од местото на фестивалот, а многу луѓе сè уште се водат како исчезнати.
Хила Факлиро беше келнерка на фестивалот „Супернова“ и изјави за „Скај њуз“ дека нападот започнал со ракети кои летале над главите на луѓето, а тие исплашени, веднаш потрчале да се сокријат.
Таа објасни дека лежела на земја половина час пред да претрча кон нејзиниот автомобил во обид да избега. Но, како што вели, полицијата го затворила патот.
„Кога се свртевме, видовме повеќе од 20 терористи во црна облека како пукаат насекаде. Тоа беше како полигон за обука. Тие пукаа кон сè што гледаа“, додава таа.
Истрчале околу 100 метри, а кога се свртеле виделе 20-тина напаѓачи како пукаат насекаде. „Изгледаше како темен дожд. Пукаа во сите, без разлика на пол, возраст, националност. Сфативме дека или ќе бегаме или ќе нè убијат“, вели Факлиро.
,,Во позадина слушавме луѓе како врескаат и плачат, а особено се сеќавам дека ги слушнав терористите како пеат и се смеат. Не разбирав зошто го прават тоа што го прават. Трчавме четири часа, околу 15 километри. Бевме без вода и не знаев каде се движиме“, истакна таа.
,,Познавам четири лица кои загинаа и имам двајца пријатели кои се исчезнати. Мразам да го кажам тоа, но се надевам дека не се живи бидејќи не можам ни да замислам што им прават“, рече таа.