Правото на достоинствен крај? Словенија го легализира асистираното умирање

Словенија одобри закон со кој се дозволува асистирано умирање за терминално болни возрасни пациенти.

Новиот закон им дозволува на терминално болните возрасни лица да си го одземат животот со помош на медицински персонал ако се соочат со неподносливо страдање без надеж за подобрување, известува СТА.

Словенечките пратеници го одобрија законот со 50 гласа „за“, 34 „против“ и три „воздржани“.

Усвојувањето на законот уследи по консултативен референдум минатата година, на кој 55 проценти од гласачите го поддржаа воведувањето на таков пропис.

Асистираното умирање е дозволено кога сите опции за третман се исцрпени и нема да биде достапно во случаи на неподносливо страдање како резултат на ментална болест.

Австралија, Канада, Холандија и Белгија се меѓу земјите што дозволуваат асистирано умирање, како и некои американски држави.

Минатиот месец, британскиот парламент гласаше за легализирање на потпомогнатото умирање, иако законот сè уште треба да биде усвоен од горниот дом на парламентот.