Групацијата Прада објави дека постигнала договор за купување на италијанскиот Версаче од американската луксузна групација Капри Холдингс под услови кои ја вреднуваат модната куќа на 1,25 милијарди евра (1,4 милијарди долари).
Прада изјави дека додавањето на „многу карактеристичната“ естетика на Версаче „претставува длабоко комплементарен додаток“ на нејзиното портфолио, кое ги вклучува модните брендови Прада и Миу Миу. Според неа, Версаче од Милано нуди „значаен неискористен потенцијал за раст“.
Конечната вредност на зделката ќе биде прилагодена во моментот на затворање, што се очекува во втората половина од годината. Ќе се финансира со 1,5 милијарди евра нов долг и е одобрен од одборите на директори на Прада и Капри холдингс.
„Версаче ќе ја задржи својата креативна ДНК и културна автентичност, а истовремено ќе има корист од целосната сила на консолидираната платформа на Групацијата, вклучувајќи ги индустриските способности, извршувањето на малопродажбата и оперативната експертиза“, се вели во соопштението на Прада, пренесува cnbc.
Версаче, основана во 1978 година од покојниот Џани Версаче, е во сопственост на Капри Холдингс од 2018 година, група која ги вклучува и Мајкл Корс и Џими Чу.
Капри холдингс плати 2 милијарди долари за Версаче, но се бореше да ја позиционира иконската италијанска модна куќа во новата ера на „тивок луксуз“, поради сензуалните силуети и гласните дизајни што ја карактеризираат.
Минатиот месец, Капри Холдингс го именуваше Дарио Витале за креативен директор за да ја замени Донатела Версаче, која ја презеде улогата откако нејзиниот брат беше убиен во 1997 година.
Донатела Версаче ја презеде новата улога како главен амбасадор на брендот во оваа реорганизација, што нашироко се сметаше за чекор кон многу озборуваната продажба на Версаче на Прада. Миуча Прада го призна интересот на групата во рамките на Миланската модна недела во февруари.