Пратеничка на СДСМ поднесе претставка против Африм Гаши: тoj прво ја прочитал заклетвата на албански јазик

Пратеничката на СДСМ и министерка за култура во заминување, Бисера Костадиновска-Стојчевска соопшти дека веќе поднела претставка до Секторот за инспекциски надзор во Министерството за култура против новиот претседател на Собранието Африм Гаши, бидејќи според неа, тој требало да ја прочита заклетвата прво на македонски, а потоа на албански јазик.

Таа рече дека Законот за употреба на македонскиот јазик е резултат на нашите заложби и политики за афирмација и правична употреба на македонскиот јазик.

„Не можеме и не треба да молчиме за свечената заклетва дадена на скандалозен начин, веќе од првиот човек на македонското Собрание. Поради оваа причина, веќе поднесов претставка до Секторот за инспекциски надзор во Министерството за култура и ќе продолжам да ги користам сите механизми кои во моментов стојат на располагање за заштита и употреба на македонскиот јазик“.

„Очекував дека актуелната претседателка на државата, Силјановска-Давкова, со која го изработивме текстот на Законот за употреба на македонскиот јазик во улога на заменик, најостро ќе го осуди чинот на недавање свечена заклетва на прв официјален јазик на државата“, рече Костадиновска-Стојчевска за „Слободен печат“.

Вчера преку Фејсбук реагираше и Костадиновска-Стојчевска, која рече дека новиот претседател го нарушил духот на мултиетничноста на државата, но и духот на Уставот и Законот за употреба на македонскиот јазик.