Работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Вреди“ денеска во 14 часот на средба во Белата палата.
Се очекува да ги почнат разговори за усогласување на програмата на идната влада.
Двете страни потврдија дека тимовите за преговори се веќе подготвени, а на првиот состанок се очекува да ја дефинираат динамиката и методологијата на работа.
Тимот на ВМРО-ДПМНЕ е на потпретседателско ниво, односно преговорите ќе ги водат Александар Николовски, Владо Мисајловски, Гордана Димитриевска Кочовска и Тимчо Муцунски.
Во тимот на коалицијата „Вреди“ се Азир Алиу од Алијанса на Арбен Таравари, Висар Ганиу од Демократско движење, Аднан Азизи од Беса и Башким Муртези од Алтернатива.
Два дена по изборите претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски заедно со потпретседателите оствари прва средба со лидерите на „Вреди“, Арбен Таравари, Билал Касами, Изет Меџити и Африм Гаши во седиштето на албанската коалиција во скопската чаршија.
По лидерската средба од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека се договорени општите начела на соработка за идната влада, која ќе се базира на три постулати: евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото.