Прва средба Османи-Герапетритис: Грција со поддршка за забрзана интеграција на Северна Македонија во ЕУ
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во рамките на учеството на Самитот на НАТО во Вилнус, денеска имаше средба со шефот на дипломатијата на Грција Јоргос Герапетритис.
Во фокус на првиот состанок меѓу двајцата министри беа билатералните односи и перспективата на зајакната секторска соработка на двете соседни држави и партнери. Во тој контекст, беше издвоена соработка во енергетиката и гасното поврзување, соопшти МНР.
За европската иднина на Северна Македонија и останатите земји од Западниот Балкан, беше потенцирана поддршката и јасните позиции на официјална Атина во таа насока.
– Грција продолжува да биде цврст партнер на нашата земја и регионот во напорите за што поскоро и успешно завршување на пристапниот процес за членство во Европската унија, за што ја пренесов нашата благодарност, истакна Османи на средбата.
Нагласувајќи ја важноста на Договорот од Преспа за севкупната динамика на односите, беше нагласена потребата за дополнителен заеднички ангажман за исполнување на договореното од Акцискиот план за интензивирање и збогатување на соработката, како и вложување напори за ратификација на преостанатите потпишани документи меѓу двете држави.
И од грчкото МНР, преку Твитер, соопштија дека Герапетритис и Османи имале „плодна дискусија за зајакнување на билатералните односи, вклучително и целосна и доследна имплементација на Договорот од Преспа и за ЕУ перспективата на Западен Балкан“.
Ова е прва средба на Османи со Герапетритис, кој неодамна ја презеде функцијата шеф на дипломатијата во новата грчка Влада. Двајцата министри минатата недела имаа телефонски разговор