Првиот пациент доби експериментална вакцина против рак: Научниците се надеваат дека таа ќе може да ги лекува овие типови тумори
Маж (81) со неизлечив рак на кожа стана првиот човек кој добил експериментална доза од вакцината против рак развиена од компанијата „Модерна“.
– Ова ми дава чувство дека придонесувам за нешто што може да им помогне на многу луѓе – рече тој.
Инјектираниот генетски РНК материјал имитира маркери пронајдени на клетките на ракот и му помага на телото да се бори со нив. Овој систем работи на сличен начин како и борбата против пандемија.
Лек за рак на кожата и белите дробови, а потоа и за поголеми тумори
Д-р Дејвид Пинато и неговиот тим од „Imperial College NHS Trust“ во Лондон тестираат дали вакцината е доволно безбедна за тригодишно глобално тестирање. Пинато се надева дека ќе може прво да лекува рак на кожата и белите дробови, а потоа и други цврсти тумори како што се ракот на дебелото црево или дојката.
– Истражувањето е во рана фаза, но нè приближува до терапии кои се потенцијално помалку токсични и попрецизни – изјави Пинато.
Д-р Кајл Холен од Модерн вели дека истражувачите се возбудени поради раните резултати.
– Навистина сме возбудени поради раните резултати и се надеваме дека ова ќе воведе нова ера на лекување на ракот – изјави д-р Кајл Холен.
Ова е револуционерно
Професорот Питер Џонсон, директор на NHS за рак, рече дека вакцините против рак може да бидат револуционерни.
– Очекуваме да видиме илјадници пациенти кои ќе учествуваат во испитувања од овој тип во следните неколку години – рече тој.
Испитувањето ќе трае три години и ќе регрутира пациенти ширум светот.