И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ја прифатија поканата нивните лидери, Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски да се соочат во ТВ дуел на Канал 5 на 3 април во 18.45 часот.
Ова ќе биде прво соочување на двајцата лидери,а во пресрет на изборите. И од владејачката СДСМ и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, изразија задоволство за можноста Ковачевски и Мицкоски да ги споредат ставовите во дебата.
Канал 5 ТВ организира прво ТВ соочување на лидерите на главната владејачка и главната опозициска партија, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, на 3 април, ден пред стартот на кампањата за двојните избори, наречена „ТВ дуел за Македонија“.
Во писмените покани што денеска беа упатени до претседателите на партиите, Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски, накратко се објаснети принципите и правилата на ТВ дебатата, која според предвиденото ќе трае 2 часа на актуелни теми од изборната програма, домашната и надворешната политика, уставните измени и евроинтергациите, борбата со криминалот и корупцијата, економијата…
Позитивен одговор на поканата е добиен и од двете партии.
Благодариме за Вашата покана упатена до претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, за телевизиско соочување со претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Ве известуваме дека претседателот Ковачевски со задоволство ја прифаќа поканата, предложениот термин (03.04.2024, 18.45 ч) одговара согласно неговата работната агендата и сметаме дека е соодветно избран во пресрет на изборната кампања. Оттука и граѓаните ќе имаат одлична можност да ги споредат политичките концепти и ставови, одговорија од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ и Претседателот Христијан Мицкоски се отворени за дебата секогаш и секаде кога е во прашање јавниот интерес и интересот на граѓаните.
Ја поздравуваме и прифаќаме поканата за дебата, а со оглед на фактот што досега и покрај јавните повици за ТВ Дуел Димитар Ковачевски ги одбегнуваше, сметаме дека најпосле е добро да се охрабри и да се соочи на дебата каде ќе мора да одговори на прашањата кои целата јавност ги поставува, како на пример зошто системот не функционира, каде е животот кој го ветуваа, зошто има хаос и безредие на секое поле…и редица други теми од јавен интерес“, е наведено во одговорот на ВМРО-ДПМНЕ.