Првото огласување на Зеленски за средбата меѓу Путин и Трамп: Никој нема и не може да отстапи од ова

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека Украина не може да го крши својот Устав кога станува збор за територијални прашања, со порака дека „Украинците нема да ја дадат својата земја на окупаторите“.

Коментирајќи ја одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин на 15 август, Зеленски рече дека Украина е подготвена за реални решенија што можат да донесат мир, пренесува Ројтерс.

Сепак, тој истакна дека секое решение без учество на Киев би било решение против мирот кое, како што истакна, нема да донесе ништо.

Како што оцени тој, ова се „мртви решенија кои никогаш нема да функционираат, додека на сите им е потребен вистински, жив мир што луѓето ќе го почитуваат“.

„ Украинците си го бранат своето. Дури и оние што се на страната на Русија знаат дека таа прави зло. Секако, нема да ѝ дадеме награди на Русија за она што го стори. Украинскиот народ заслужува мир. Но, сите партнери мора да разберат што е достоен мир“, објави Зеленски на Фејсбук.

Како што нагласи тој, оваа војна мора да заврши, а Русија мора да ја заврши.

Според него, како што објави Укринформ, Русија го започнала тоа и го одолговлекува, не почитувајќи никакви рокови, „и тоа е проблемот, ништо друго“.

„Одговорот на украинското територијално прашање е веќе во Уставот на Украина. Никој нема и не може да отстапи од ова. Украинците нема да ја дадат својата земја на окупаторот“, рече украинскиот шеф на државата.

Тој додаде дека е подготвен, заедно со Трамп и другите партнери, да работи на вистински и, што е најважно, траен мир – мир што нема да се распадне поради желбите на Москва .

Зеленски изрази благодарност до сите Украинци за нивното единство и заедништво.

„Украина постои. Ви благодариме на сите наши војници што ја зачуваа нашата независност. Бидете силни. Ова е нашата земја, ние сме Украина. Слава на Украина!“, напиша тој.

Зеленски истакна дека Трамп најавил дека ќе се сретне со Путин во Алјаска, „многу далеку од оваа војна што се води на нашата земја, против нашиот народ и која сè уште не може да се заврши без нас, без Украина“, соопшти прес-службата на украинскиот претседател.

„Путин не веруваше во нашиот народ и затоа ја донесе оваа безнадежна одлука да се обиде да ја освои Украина. Тоа беше неговата главна грешка – ги игнорираше Украинците“, рече Зеленски, додавајќи дека верува во украинскиот народ.