ПРВ КЛУБ НА АМЕРИКАНСКИ ФУДБАЛ ВО МАКЕДОНИЈА – “Костурите“ од Куманово ентузијастички и посветено играат флег фудбал!

Ентузијастички и посветено момците од спортскиот клуб „Кумановски Костури“ (Kumanovo Skeletons) први во државата играат американски флег фудбал. Екипата нè пречека пред нивниот тренинг на фудбалскиот стадион зад градскиот базен во Куманово. Чуневи во боја и топка која потсетува на онаа која се користи во рагби, се дел од реквизитите што им користат на „Костурите“ во нивната игра. Тие ни раскажаа како се одлучиле за овој спорт.

Тринаесет се на теренот, најмногу кумановци, но и неколкумина скопјани. Четворица од нив ги поврзала љубовта кон овој спорт и навивањето и гледањето на американската лига.

Официјално стануваат прв клуб за американски фудбал и прво спортско здружение од ваков тип во државата. Регистрирани се во мај лани. Клубот досега има само членови од Куманово и од Скопје, а како прв клуб на американски фудбал, активно работи на промоција на спортот и во другите градови, со цел формирање на национална лига.

Дамјан Ефремовски вели дека заедно со Иван Јакимовски, Дамјан Костадинов, Бојан Стојановиќ и Перица Митревски се основачите на клубот, чии почетоци се од 2018 година. Сите се љубители на НФЛ, ја следат лигата и токму тоа била причината пред скоро пет години да се здружат и да тренираат рекреативно. Во тој период прв пат ги поврзала „Fantasy Football“ играта, во која се добиваат бодови на база на реални перформанси на играчите, па самото тоа претпоставува активно следење на спортот. Оттогаш, до минатата година играат само меѓусебе рекреативно, поради тоа што се единствено здружение од овој тип, а популарноста на спортот во нашата држава е на ниско ниво. Сепак, Fantasy Football во последно време се игра сѐ помасовно во земјава, па нив ги радува што НФЛ има сѐ повеќе следбеници во државата и се надеваат дека ќе се популаризира и бесконтактната верзија на спортот.

Тренираат по два-три пати неделно на повеќе локации. Во последно време како главна локација се наметна фудбалскиот терен зад комплексот базени во Куманово, а исто така тренираат и во изнајмен затворен терен во балоните за мал фудбал во Куманово и Скопје, како и на некои тревнати површини во главниот град, кои не задоволуваат некои стандарди кога станува збор за овој спорт. Тоа не ги поколебува кумановските костури ревносно да тренираат меѓусебе поделени во групи.

Преферираме да тренираме на отворено поради димензиите потребни за овој спорт. Тренингот трае до два и пол часа, вклучително краток состанок, загревање и активен индивидуален и тимски тренинг, вели Дамјан Ефремовски.

Флаг и текл верзијата на американскиот фудбал се разликуваат во однос на дозволениот контакт меѓу играчите од спротивни клубови. Текл фудбалот е прилично груб спорт, затоа се носат кациги и заштитна опрема, а таму една акција завршува кога еден играч ќе ја допре подлогата по контакт со противнички играч. Флаг верзијата која ја практикуваат, појаснуваат „Костурите“ не дозволува преголем контакт и за таа цел се носат знаменца на појасот, па нивно т.н. „дефлагирање“ симулира физички контакт.

– Доволно е дефанзивниот играч да извади едно од знаменцата. На теренот во еден момент дозволено е да има пет играчи во напад, пет во одбрана, а цела екипа е дозволено да брои максимум 15 луѓе. Екипите најчесто имаат посебни луѓе кои играат во напад и одбрана, преодредени за специфични улоги во коишто се специјализираат, бидејќи задачите на двете страни се многу различни, вели Дамјан Костадинов.

Неодамна тие го презентираа и популаризираа овој спорт преку американското катче во Скопје. За „Костурите“ е важно што на презентацијата имало млади луѓе кои покажале интерес за спортот и се надеваат дека наскоро ќе имаат прилика да го промовираат и во училиштата во Куманово во соработка со професори по спорт.

– Почнавме со импровизирани знаменца, со скромна опрема, но целта уште на почетокот ни беше да се доближиме максимално до она што сега го имаме. Освен задолжителните знаменца, шорцовите не смеат да имаат џебови за да не се повредат играчите при евентуален напад на знаменцето, а друга опрема што помага се копачките и специјални ракавици, со цел полесно фаќање на топката. Опремата што моментално ја користиме е од Шпанија, Германија, Чешка. Не е лесно да се набави такво нешто во нашата земја, изјави Бојан Стојановиќ.

Спортот е инклузивен, можат да се вклучат сите кои имаат интерес.

– Многу е важно што спортот е инклузивен, можат да се вклучат луѓе од различна возраст, пол, со различни физички способности. Тимот може да е комбиниран и мажи и жени, а женската верзија на овој спорт е еднакво интересна, што не може да се каже за многу спортови. Доказ за ова е дека женскиот тим на Мексико се најголеми амбасадори на флег фудбалот во светски рамки, вели Ефремовски.

Спортот веќе почнува да се популаризира и на европска и светска сцена. Важно е што може да вклучи различни категории вљубеници во спортот. И нивниот клуб има играчи од 16 до 31 година, што покажува дека „Костурите“ навистина ја сфаќаат важноста на вклучување на младите во спортот.

– Целта ни е да ги оттргнеме младите од социјалните мрежи, да му дадат предност на спортот, правилно да се развиваат. Сметаме дека може да ги заинтересираме да пробаат нешто ново, нешто различно. Впрочем и сите ние доаѓаме од различни спортови кои се популарни кај нас, како фудбалот и кошарката. Колку што се важни физичките предиспозиции во овој спорт, еднакво е важна и тактичко-стратешката страна на флаг фудбалот, што овозможува секаков тип на луѓе да се приклучат и да бидат корисни за својата екипа. Веруваме дека токму тоа ќе привлече интелигентни млади луѓе, нагласува Иван Јакимовски.

Кумановските костури до сега се натпреварувале на два турнири во Бугарија: во Софија и во Стара Загора, во втората половина на 2022-та година. На двата турнири освоиле второ место во конкуренција од по осум екипи. Нивните очекувања сè во насока на формирање повеќе клубови, национална лига, федерација, што ќе овозможи и крајно формирање на репрезентација која ќе се натпреварува на европски, светски првенства, како и Олимписки игри, бидејќи флаг фудбалот е главен претендент да стане олимписки спорт во 2028-та година на ЛОИ во Лос Анџелес.

Следниот чекор за нив е учество на Адриа Боул во Ровињ, Хрватска каде ќе се натпреваруваат против дваесетина екипи. Тие доаѓаат од десет земји од средна и западна Европа, покрај неколкуте балкански екипи. Упорно тренираат за да се покажат во најдобро можно светло на турнирот кој е еден од најдобро организираните флаг фудбал турнири во Европа. Поддршката и помошта за покривање на оперативните трошоци, како и патувањето во Ровињ, ја бараат од сите заинтересирани спонзори.