Општинските организации на ЛДП во Аеродром, Прилеп, Кисела Вода и Центар се распуштени со одлука на раководството на Либерално-демократската партија – за нивните претседатели ова е нестатутарно решение и тие бараат одржување на Собрание на ЛДП за разгледување на ваквите потези на претседателката Моника Зајкова.
Од општинските организации велат дека на Централен одбор и на Собранието на ЛДП требало да се расправа за понесување одговорност на претседателката и генералниот секретар на партијата за неуспехот на последните парламентарни избори, но раководството смета дека за изборниот пораз одговорни се претседатели и раководства на некои општински организации.
Во жалбата поднесена до Собранието и до ЦО на ЛДП, претседателите на општинските организации во Аеродром Андреј Крстевски, во Кисела Вода Томица Николовски, Прилеп Јане Станкоски и во Центар Александар Мишев, велат дека станува збор за самоволие и тврдат дека распуштањето е спротивно Статутот на партијата.
„Сметаме дека оваа одлука е донесена тенденциозно, со цел елиминирање на поединци, членови од поедини општински огранизации или цели општински организации кои не се согласуваат со политиките на сегашното раководство. Таквиот начин на отстранување на членовите на партијата кои не се согласуваат со политиките на актуелното раководство, не е ниту демократски ниту либерален начин на водење на партијата и наликува на тоталирарни и антидемократски партии, а не модерни европски партии“, се вели во жалбата поднесена до Собранието и ЦО на ЛДП.